Прв ден уписи на УКИМ: Што е пресудно при изборот на факултетот, афинитетите, платата или брзото вработување?

Прв ден уписи на УКИМ: Што е пресудно при изборот на факултетот, афинитетите, платата или брзото вработување?

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Лектор: Ивана Кузманоска

Насмеани, збунети, среќни, исплашени, растрчани и полни со надеж и желба да успеат во животот и брзо да најдат вработување по дипломирањето... Ова се чита од лицата на илјадници млади што денеска тргнаа во борбата за индекс на повеќето универзитети, но и на најголемиот – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Некој сам, некој во друштво на родителите или пријателите, денеска повеќето ги поднесуваа документите за упис на саканиот факултет. Метеж, но и добра организација без поголеми турканици имаше на речиси сите факултети што ги посетивме.



Метеж, но и добра организација на повеќето факултети

Зошто го избрале токму тој факултет, што беше пресудно за одлуката, дали сами и свесно избраа која професија ќе им ја обезбедува иднината? Ова се прашањата што денеска им ги поставивме на некои од кандидатите кои ги сретнавме низ ходниците на повеќе факултети на УКИМ. Од некои одговори останавме вчудовидени, а некои матуранти навистина знаат што сакаат.

- Нема посебна причина зошто го избрав Филолошки, ми кажаа дека е добар факултет, а и две другарки ќе студираат тука, па се решив тука да поднесам документи – ни рече Марија.

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ пред студентските прашања затекнавме поголема група млади што аплицираат за индекс.
- Татко ми е адвокат, израснав во неговата канцеларија, добро заработува, па ќе имам и од кого да учам. Не се запишувам на Правен само поради тоа, едноставно гледам иднина за себе во оваа професија – ни рече едно насмеано момче.



На Филозофскиот факултет исто така се чекаше ред за да се поднесат документите. Ивана Филипова се одлучила да студира на Институтот за психологија.
- Многу ме интересира психологијата и тоа беше пресудно за мојата одлука. Не помислив на вработување и што потоа бидејќи тоа зависи и од снаодливоста, среќата и упорноста на секој од нас. Јас знам што сакам да учам и добив поддршка од најблиските за тоа – ни рече Филипова.

Во комплексот кај техничките факултети стотици исто така растрчани и збунети кандидати пополнуваа документи.
- При изборот на факултетот пресудно ми беше да биде просперитетен, со кој ќе може да најдам добро вработување. Електротехничките струки се токму тоа и сега ми останува само да учам – ни рече Александар Стојковски, кој ќе се запише на ФЕИТ.

Идниот студент Мартин, кој го сретнавме на Технолошко-металуршкиот факултет, вели дека додека учел во средно учествувал на натпревар за наноматеријали и за иновативни производи во организација на ТМФ и уште тогаш знаел што ќе студира.
- Се надевам дека ќе успеам да се запишам на насоката инженерство на материјали и нанотехнологија. Ова е иднината за развој на секоја земја и би сакал токму со ова да се занимавам. Има голема конкуренција за оваа насока и се надевам дека ќе ми се исполни желбата да го студирам ова – ни рече тој.

Државата не може да ги згрижи сите што чекаат плата на први

Што всушност треба да земат предвид младите при изборот на факултетот и идната професија. Дали личните желби и афинитети, висината на платата, брзото вработување?
Социологот Илија Ацески вели дека е добро кога младите при изборот на факултетот ги земаат предвид и своите лични афинитети и желби, но и реалната можност за вработување по дипломирањето.

- Проблемот е со оние што сметаат дека ќе се „снајдат“, дека ќе му ја мислат откако ќе завршат, кои немаат сознание за себеси и за што се надарени, што ги влече. Е, тие талкаат. Според мене, тоа се оние млади што се подготвуваат за државна работа, административна. Тоа значи сигурна работа, плата на први, иако не е голема, и толку. За жал, така размислуваат премногу млади во нашата држава. Но тука е замката. Ниту една држава не може да издржи толкава младина подготвена да работи за плата на први. Затоа по неколку години не можат да најдат работа, стануваат исфрустрирани и несреќни. Високото образование кај нас исто така создава функционално неписмени генерации, а кризата е сè подлабока. Потребни се промени во оваа насока, да ги следиме нашите студенти, не само да произведуваме високообразован кадар. Од некаде мора брзо и ефикасно да се почне – вели Ацески.