КОЛУМНА: Дигитално општество

КОЛУМНА: Дигитално општество

Подготвил: Викторија Митевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Празнина – бескраен молк и невозвратен поглед од улиците и парковите. Понекогаш се прашувам – каде е тој милозвучен детски глас, тој жубор од смеа, вревата од маалските игри? Но не, залудно е, сите се скриени во нивните топли домови пред најпопуларните уреди на новата ера достапни во најразлични модели. Цело семејство е вклучено во оваа глобална дигитална рамка, во оваа ера на големи достигнувања која се стреми и оди кон нешто уште поголемо и спектакуларно.

Фото: Pixabay

Секојдневно листање на новостите, многу често запирање на некоја фотографија која ја одмеруваме со восхит или презир, како и читање добар или барем хумористичен статус. Да, тоа е она што ќе нè води понатаму, она што би требало да ни ја олесни иднината. Дали ни треба нешто повеќе од тоа? Всушност, само еден клик е доволен за да го договориш кафето со најверниот другар, да пратиш слика, да направиш селфи, па дури и да ја слушаш омилената песна. Сето ова изгледа совршено, изгледа толку идеално што човек ни за миг не би се поколебал во значењето и важноста на сето она што го нуди светскиот тренд. Но, сепак, топлината во погледот, нежниот допир, неизмерната длабочина на копнежот – тоа е она што е реално, вистинско.

Во што прерасна суштината на човековата битка? Нови најсовремени технологии кои секојдневно излегуваат на светскиот пазар – заборавени детски игри, дружење и прошетка со најблиските за сметка на постоењето на многуте фејсбук-пријатели. А како поинаку да сме во чекор со најновите случувања? Како да бидеме модерно општество?

Како и да е, тенка е границата помеѓу предностите и недостатоците на оваа модерна дигитална ера, но сепак ги поседува и едните и другите, наше е да ги урамнотежиме и изедначиме. Иако, и најдобрите и највредните нешта во даден момент може да ни наштетат. Луѓето насекаде, понекогаш и самите со недоверба се настроени кон новините, но не сите. Има такви што нетрпеливо чекаат, очекуваат нешто да се смени, старата игра да се замени со поинтересна и поедноставна. На крај, сите тие луѓе се во право, и едните и другите.

Различности постоеле и секогаш ќе постојат. Но ако, тие ни се потребни за секогаш на крајот да го прифатиме она што е најдобро за нас и за општеството – да го извадиме потребното од непотребното. Сè додека не се забораваат старите вредности, добро е да има и нешто ново. Новите технологии ни го олеснуваат животот во секој сегмент, сепак тие се двигатели на многу случувања, но еднакво битни се и темелите – вкоренетите и добро зачувани генерациски вредности.

И да, треба да се остави простор и можност за едно долго истражување на интернет, гледање одличен филм со саканата и читање интересен статус со друштво. Сепак, секое доживување ја губи смислата доколку не се сподели очи в очи со најблиските, најсаканите (оние што можат да те разберат). Бидејќи, само жарот во очите, долгото раскажување и незапирливата смеа, сите моменти и доживувања можат да ги направат навистина незаборавни и посебни.

Автор: Викторија Митевска

Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.