Разговор со Јелена Јованова: „На терапија“ ќе нѐ потсети искрено да се слушаме себеси и другите

Разговор со Јелена Јованова: „На терапија“ ќе нѐ потсети искрено да се слушаме себеси и другите

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Се надевам дека јасно, искрено и точно ќе ја пренесам приказната на 30-годишната Милена, успешна и интелигентна жена, но пресметлива, депресивна како последица на траурното детство што го имала, и дека публиката ќе се препознае во неа, а на тој начин таквите личности во иднина би биле подобро сфатени во општеството, без притоа да им се суди



Секоја актерка би посакалa кариера како нејзината. Да работиш театарски претстави уште додека студираш, да добиеш макар и мала улога во популарен филм што го затресе светот, да изгледаш атрактивно, да пееш убаво и да го сакаш тоа што го работиш. Сето тоа со голем влог и безрезервно работење на својата кариера. Јелена Јованова денес го живее својот сон. Таа е актерка на Македонскиот народен театар, има снимено неколку играни филма, стана препознатлив лик на ТВ-серии кај нас и во Хрватска. Во последните неколку години е на релација Скопје – Загреб, но тоа не ѝ претставува никаков проблем. Во новата театарска сезона Јованова ќе игра во хит-мјузиклот „Чикаго“, а на репертоарот сè уште остануваат „Сомнително лице“ и „Госпоѓа Министерка“. Таа не заборава и јавно да им се заблагодари на своите колешки Софиа Насевска-Трифуновска и Драгана Костадиновска, кои ја менуваат во тие две претстави.

Од 18 септември на „Сител“ ќе можеме да ја гледаме Јованова во новата ТВ-серија „На терапија“. Со неа разговараме за многу предизвици пред кои е исправена периодов.

Факултети.мк: Се чини дека едноставно кажано Ви тргна со сериите и кај нас и во Хрватска. Каков е новиот актерски предизвик со импресивна македонска екипа?

-Серијата „На терапија“ е прва македонска ТВ-серија снимена според странска лиценца. Оригиналната серија потекнува од Израел, а досега постојат снимени верзии во повеќе од 12 земји и, секако, најголемиот успех следува кога серијата ја откупува Ејч-би-о. Оваа серија се занимава со психологијата на секојдневниот живот и секојдневните човечки проблеми. Во оваа драма го следиме приватниот и професионалниот живот на терапевтот со неговите пет пациенти. Секој ден е резервиран за еден пациент, секој пациент има свои девет сесии, а петтиот ден е резервиран за сесијата на главниот протагонист, терапевтот со својот терапевт. По докажаниот успех во светот, благодарение на продукцијата „Кино Око“, ни дојде ред и на нас. Снимивме 45 епизоди, дневно по една. Неописливо прекрасен, но исто толку и изискувачки проект. Во серијата ја играм Милена. Првиот пациент што го среќаваме кај д-р Терзиев (Никола Ристановски), односно секој понеделник. Милена е 30-годишна девојка од провинција, успешен анестезиолог, елоквентна и интелигентна жена и, нормално, со свои бубачки во главата. Многу често е свесна за своите квалитети и знае како да го добие тоа што го сака. Манипулативна, пресметлива, анксиозна, депресивна и емотивно нестабилна како последица на траурното детство што го имала. Длабоко во себе многу ранлива, осамена и емотивна. Без страв да ги покаже и каже своите чувства. Забавна, понекогаш дури и кога не треба.



Она што треба да го откриеме во нејзините девет сеанси е дали Милена е навистина растроена личност која без да избира начини се обидува да воспостави еротски трансфер со д-р Терзиев или е навистина вљубена во него, а и тој во неа. Се надевам дека јасно, искрено и точно ќе ѝ ја пренесам нејзината приказна на публиката и дека истата ќе се препознае во неа, а на тој начин таквите личности во иднина би биле подобро сфатени во општеството, како и тоа зошто се однесуваат на одреден начин, без притоа да им се суди. Тогаш целта би била постигната. Тоа е она што ми беше најголем предизвик во оваа серија и се надевам дека истава ќе ги врати луѓето на она што го заборавивме, а тоа е просто и едноставно да се слушаме. Активно! Присутно! Сега кога ѝ се обраќам. Да комуницираме. Искрено и со себе и со светот. Да сфатиме и да прифатиме дека не е грев да имаме проблеми, да погрешиме, да се плашиме, да сонуваме, веруваме, мечтаеме, мислиме! Да бидеме капетани на својата душа за која треба да се грижиме.

Факултети.мк: Паралелно се снима и втората сезона на „Преспав“, серија која се покажа како вистинско освежување за нашата публика. Сметате ли дека само со снимање повеќе домашна продукција ќе се подобри квалитетот, а и гледаноста?

-„Преспав“, првиот македонски ситком во продукција на ОХО и со поддршка од Европската Унија, ја доби и својата втора сезона благодарение на секој сектор што не работеше паушално и сувопарно, туку посветено, со верба и професионално. По докажаниот успех од првата сезона, новава верувам направи супер апдејт во кој публиката загарантирано ќе ужива. Веќе уиграни, работевме многу полесно, растоварено и со уште поголемо уживање. Снимивме нови 20 епизоди, а наскоро се надевам дека би имале можност да снимиме и трета сезона. Драго ми е што рецепционерката Јелена е еден од омилените ликови на публиката и се надевам дека и во новата сезона ќе го потврдам нејзиното позитивно лудило, кое е неопходно за комично разиграниот дух на целиот пансион. Овој ситком, што би рекле постарите, имаше лесна нога, па повлече со себе многу нови и убави работи. Квантитетот знаеме дека не значи нужно и квалитет, но верувајте, имаме и ние свои коњи за трчање и малку поголема верба во тоа не би штетело.



Факултети.мк: Во последните неколку години работите под полна пареа. Ве очекува и работна есен. Да им откриеме на нашите читатели на што ќе бидете фокусирани?

-Паралелно дури ги снимав „На терапија“ и „Преспав“ работев на уште два проекта: долгометражниот „Злогоње“, српско (Action production) – македонска (Dream factory) копродукција во режија на Рашко Миљковиќ, и дипломскиот филм „Црно-бело“ на Сандра Ѓоргиева. Доста шизофрено искуство е да работиш четири проекти паралелно. Неверојатно е чувството да доживуваш четири нови екстензии од самиот себе истовремено и со нив да освестуваш нови работи во себе. „Злогоње“ или истерувачите на злото во нашава приказна се две деца, а злото, односно вештерката која ја бркаат сум јас. Целиот филм во структура е, всушност, нивната детска опсесија како да се искорени злото кое директно влијае врз нивните животи, а преку таа авантуристичка платформа се пласираат вистинските и реалните проблеми со кои се борат нашите херои во филмот. Филмот се снимаше во Белград и се надевам дека оваа авантура ќе ја доживее својата премиера на некој интернационален фестивал вгодина. „Црно-бело“, пак, е доста храбар чекор зашто се работи за првиот обид да се направи филм-мјузикл. Секоја чест на Сандра за храброста да го изоди непоколебливо она што го замисли. Влеговме во несекојдневен филмски жанр, на кој безрезервно му се препуштивме и се надевам на добар резултат.

Факултети.мк: Во изминатата театарска сезона мјузиклот „Чикаго“ на матичнатa сцена на МНТ беше вистински спектакл. Заедно со неколку десетици Ваши колеги покажавте зрелост за таков голем проект. Ве радуваат ли позитивните коментари после секоја изведба, Ви значат ли мислењето и воздишките на публиката?

-„Чикаго“ беше најгледаната претстава во цела измината сезона. Кога и по година дена од премиерната изведба салонот повторно е полн, кога пред спуштањето на завесата публиката во иста секунда се крева на нозе и го дава најдолгиот аплауз што некогаш сум го доживеала, аплауз кој нескромно трае и трае. Кога гледаш дека секое едно лице е насмеано од уво до уво, кога и после два часа и кусур не те пуштаат да си заминеш од сцена, тогаш имам срце полно до препукнување од убавина, среќа, радост и чест. Задоволство и предизвик беше целиот проект. Како за нас како ансамбл, за триото режија, кореографија и костими, така и за мојата матична куќа, за хорот и балетот на МОБ и за студентите од музичката академија. Одново се радувам на секоја реприза во која е ултразабавно да се биде хероината Рокси Харт -безгранично инспиративна и забавна улога за мене. После „Чикаго“ сигурна сум дека МНТ наскоро ќе добие и нов мјузикл.



Факултети.мк: Со оглед на тоа дека живеете на релација Скопје-Загреб, имате ли желба можеби за хрватската театарска сцена?

-Веќе полни четири години сум на релација Скопје-Загреб. Цело време сум во авион за да стигнам на претстава или проба во театар или, пак, на снимање. Се навикнав на темпо кое создаде некои нови навики што ги уживам и без кои сега не би сакала, ниту би можела, ако не морам, да се замислам. Театар во Хрватска? Зошто да не? Загреб има одлична независна сцена каде што се можеби и најдобрите претстави. Веќе имам една претстава во Загреб. А ако се поклопат работите и времето, би можела да заиграм вгодина и на сцената на „Керемпух“ во Загреб. Но, за тоа потоа. Дотогаш - да го славиме животот.