Еве го новиот план на Илон Маск за колонизација на Марс!

Еве го новиот план на Илон Маск за колонизација на Марс!

Подготвил: Б.Б.

марс

Денес, рано наутро по наше време, Илон Маск, иноватор и бизнисмен заслужен за „Тесла“ и „Спејс Екс“, ја претстави својата нова визија за иднината. Говорејќи на меѓународниот астронаутички конгрес во Аделаида, Австралија, тој ја претстави својата нова ракета и вселенскиот брод со кодно име „БФР“ (Big Fucking Rocket), плановите за колонизација на Марс и Месечината, како и ултрабрзиот превоз на Земјата.

Тој планира сите свои досегашни ракети  и вселенски бродови –„Фалкон 9“, „Фалкон Хеви“ и „Драгон“ да ги прогласи за застарени и да се концентрира на развој на новата „БФР“ ракета. Меѓутоа, не намерава да се откаже од користењето на тие летала, туку само фокусот да го префрли на новата, монструозна ракета наменета за интерпланетарен транспорт.



„БФР“ во однос на минатогодишниот концепт е оптимизиран, па наместо 42 главни ракетни погони, сега се планира да се користат 31, кои ќе можат да транспортираат 450 тони тежина до Марс. Остатокот од ракетата, како орбиталното приклучување за леталата и базните станици како и ракетниот систем за слетување, остануваат исти. Маск најави дека оваа ракета ќе ја замени и примената на постоечките, затоа што „БФР“ ќе се користи и за лансирање на сателити наместо сегашните „Фалкон 9“ и „Фалкон Хеви“. „БФР“ е толку голема што, наводно во вселената ќе може да транспортира објекти десет пати поголеми од вселенскиот телескоп „Хабл“.

„Со изработка на систем кој ги канибализира нашите постоечки ракети, тие ќе станат излишни. Така ќе можеме да се концентрираме на еден систем, кој ќе може да ги замени сите“, заклучи Илон Маск. Најавата за користење на „БФР“ е исто така и паметна деловна одлука. Лансирањето и сервисирањето на сателити носи сосема пристојна заработувачка, но сè уште тоа е недоволно за развој на новата ракета. „Спејс Екс“ ќе има потреба од повисоко финансирање, па се очекува соработка и со американската влада , кој отсекогаш покажувала интерес за летовите до Месечината. Американскиот потпретседател Мајк Пенс наводно заговарал НАСА да се врати на своите лунарни мисии.


Неколку минути пред презентацијата за колонизацијата на Марс, Маск на Инстаграм објавил симулација како би можела да изгледа една база на Месечината. На неа е прикажана огромната „БФР“ ракета за интерпланетарен транспорт, а самата база е наречена „Мун Бејз Алфа“. Во минатото, Маск во повеќе наврати изјавувал дека досега веќе требаше да постои база на Месечината, па сега се чини дека тој одлучил да ја земе таа работа во свои раце.

Концептот на базата е многу поедноставен од оној од Марс. Маск отиде дотаму што изјави дека „БФР“ ќе може да стигне до Месечината и назад без дополнително полнење гориво, со само една фаза на лансирање. За споредба, ракетата „Сатурн 5“ која ги однесе првите луѓе на Месечината во 1969 година, имала три фази. Меѓутоа, се претпоставува дека базата на Месечината би можела да се користи за полнење на гориво за подолгите мисии, како на пример, летовите до Марс.

Moon Base Alpha

A post shared by Elon Musk (@elonmusk) on


„Спејс Екс“ има закажано барем две товарни мисии до Марс, во рок од пет години, односно до 2022 година. Амбициозниот план бара комплетен развој на „БФР“ – системот, кој со текот на времето би можел да транспортира и луѓе до Марс. При товарниот транспорт до Марс, Маск се надева дека со таа мисија ќе успее да се потврди и пронаоѓањето на вода на Марс, но и да се детектираат потенцијалните опасности што ги крие црвената планета. Се планира и отварање на рудник , изградба на енергетски систем како и систем за одржување на живот. Планот е сите овие системи да почнат да се градат во 2022 година, за да би биле комплетно функционални до 2024 година.

Во текот на 2024 година, намерата е да се испратат и првите луѓе на Марс. Сите залихи потребни за живот ќе треба да се траспортираат преку дополнителни две товарни мисии, кои би требало да завршат до 2023-та. Првите колонизатори би требало да ја изградат и базата, која ќе може да ги прифаќа идните колонизаторски бранови. Се планира колонизаторите да се обидат да работат и на „тераформинг“- хипотетски процес преку кој се создава атмосфера, температура, топографија и екологија налик на оние на Земјата.

Се разбира, ова се многу високо- амбициозни цели, па најверојатно е  да се очекуваат и некакви одложувања во плановите, особено за тераформингот, кој сè уште е во теоретската фаза од развој.

Mars City Opposite of Earth. Dawn and dusk sky are blue on Mars and day sky is red.

A post shared by Elon Musk (@elonmusk) on


Освен планот за колонизација на вселената, ракетата „БФР“ се планира да се користи и за транспорт на патници на Земјата. Со оглед дека станува збор за ракета, Маск претпоставува дека од било која локација на Земјата ќе може да се стига на друга за период од 30 до 60 минути. На пример, летот од Њујорк до Австралија денес трае 23 часа, а со „БФР“ би можел да трае под 60 минути. Летот од Њујорк до Лондон, би траел 29 минути. Во видеото се прикажува како патниците со најобичен брод се транспортираат до платформа која лебди на море или океан, каде ги чека „БФР“.

По лансирањето, „БФР“ постигнува максимална брзина од 28.000 километри на час, значи речиси брзина од 23 маха. Еднинствено проблематична е цената на превозот, која според првичните претпоставки изнесува неколку десеттици милиони по лансирање, со оглед дека цената на лансирање на „Фалкон Хеви“-ракетата изнесуваше 90 милиони долари.

За овој концепт Маск говореше при крајот на презентацијата и не посочи многу детали како планира да го реализира истиот.  Во презентацијата се наведува и дека капацитетот на ракетата „БФР“ изнесува меѓу 50 и 200 луѓе по лет. Единствено проблематично изгледа слетувањето, со кое и досега „Спејс Екс“ имаше најмногу проблеми.