Ведран Зафировски, вработен во „Гугл“: Опкружен со исклучителни луѓе кои се феноменална, секојдневна инспирација

Ведран Зафировски, вработен во „Гугл“: Опкружен со исклучителни луѓе кои се феноменална, секојдневна инспирација

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Следење на новите трендови и новите технологии, желба за учење и постојана надградба, љубопитност, отвореност кон различни култури, добра работна етика, се дел од способностите што можат да ве доведат до работа во „Гугл“, вели Ведран Зафировски од Скопје


Ведран Зафировски

Веќе пет години е дел од тимот на најголемиот светски интернет-пребарувач, оној што секојдневно го користите за да дознаете кои се денешните топ-новости, што кажале Стивен Хокинг, Буда или Ганди, да пронајдете скратен текст за книгата што вашето дете не ја прочитало, да прочитате рецепт за денешниот ручек. Тоа што вие секојдневно го „гуглате“ го овозможува Ведран Зафировски од Скопје. Се разбира, заедно со стотиците колеги што работат во оваа компанија. Има 33 години, завршил средно образование во „Раде Јовчевски-Корчагин“, студирал на Штуловиот универзитет во Тетово, а речиси пет години живее во Даблин, Ирска. Со него разговараме за тоа како станал дел од тимот на „Гугл“, какви предности нуди големата интернет-компанија, какви се неговите идни планови.

Веќе пет години сте дел од тимот на „Гугл“. Како дојде до оваа соработка?
- Сосема случајно дојде до соработката со „Гугл“. Во разговор со поранешен колега, кој во тој момент веќе работеше во „Гугл“, слушнав за отворени позиции кои одговараат на мојот профил и решив да аплицирам. Во тој период бев штотуку вработен во стартап во Берлин и не бев сигурен дали сакам повторно да се селам. Но, поради репутацијата што ја има „Гугл“ како работодавец и потенцијалот за раст во компанијата, решив да ја прифатам соработката.



Кое беше Вашето претходно работно искуство и колку тоа Ви помогна во тоа што денес го работите?
- Во Македонија работев во „Неотел“ како мрежен инженер и искуството што го добив таму беше одлично. Имав можност да работам со различни технологии и да соработувам со сите сектори во компанијата, но и со надворешни телекомуникациски провајдери со кои соработувавме во тој период. Покрај искуство и знаење во доменот на мрежи, успеав да добијам искуство и во проектен менаџмент, развој на продукти, менаџмент на луѓе и ресурси итн.

Што точно работите во „Гугл“ и кои се Вашите обврски во компанијата?
- Дел сум од Network Edge SRE тимот во позиција на SRE (Site Relaibility Engineer). Мојот тим е одговорен за делот на мрежата каде што се поврзуваме со останатите големи светски телекомуникациски провајдери. Одговорни сме за мониторинг и одржување на овој дел од мрежата на „Гугл“, како и за подобрување на дизајнот и развој на софтверот што врши автоматизација на секојдневните процеси.



Според Вас, што е пресудно за да се стане дел од една од најголемите светски интернет-компании?
- Следење на новите трендови и новите технологии, желба за учење и постојана надградба, љубопитност, отвореност кон различни култури, добра работна етика...

Кои се најголемите придобивки да се работи во „Гугл“?
- Мислам дека одговорот на ова прашање ќе биде прилично индивидуален. Секој има различни приоритети и различни причини за избор на работното место. По пет години работно искуство во „Гугл“, како причини што ме задржале тука би можел да ги издвојам: потенцијалот за лична надградба и раст во кариерата (неограничен број на тимови и позиции, неограничен број на најразлични интерни обуки (персонални или технички), слобода за почнување проекти базирани на лични идеи), опкруженост со исклучителни луѓе од најразлични домени кои се феноменална секојдневна инспирација, одличен баланс помеѓу работата и приватниот живот, вреднување на вложениот труд, бесплатна храна и спортски активности итн.

Во моментот, кој е Вашиот најголем конкурент на светскиот пазар?
- Искрено не знам. Поради големината на „Гугл“, можам да кажам дека прилично сум фокусиран на проблемите и предизвиците во мојот оддел. Во доменот на онлајн-маркетингот претпоставка би била „Фејсбук“.



Што најмногу Ви недостига од Македонија?
- Природата, планините, реките и езерата, зеленчукот и овошјето, зелените пазари, спонтаните дружби со пријателите во топлите летни вечери, семејството, долгите ручеци и вечери, возењето велосипед на Водно…

Каде ја гледате Вашата кариера во иднина?
- Пред половина година почнав активно да програмирам и имам цел да стекнам солидно познавање и искуство во барем еден програмски јазик. Следно би било менаџирање на помал тим и потоа би почнал свој стартап.