Никола Цветковски, „суперстудентот“ од ФЕИТ што сите испити од прва ги положил со десет

Никола Цветковски, „суперстудентот“ од ФЕИТ што сите испити од прва ги положил со десет

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Мојата одлука беше да дадам сѐ од себе кога ќе ги подготвувам испитите и по можност да имам успех над 8,00. Кога заврши првиот семестар, не ми се веруваше дека всушност успеав сѐ да положам од првпат и со највисоката оценка. Тоа ми стана мотивација да продолжам и понатаму со истата стратегија, што резултира во тоа да дипломирам со 10,00 просек без ниту еднаш да преполагам ниту еден испит

Никола Цветковски со колегите

Никогаш не преполагал испит, а дипломирал со просек 10,00. И тоа на еден од најтешките факултети во земјава - ФЕИТ (Факултетот за електротехника и информациски технологии). Изборот дошол сосема природно по матурирањето во скопската гимназија „Раде Јовчевски - Корчагин“. Никола Цветковски наскоро ќе полни 24 години, а зад себе веќе има една година работно искуствo (пракса), и тоа во Јапонија. Со Никола разговараме што значи да си „суперстудент“, што научил на факултет, а што во една од технолошки најнапредните земји во светот?

Решивте да студирате на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Овој факултет отсекогаш важел за еден од потешките. Што Ви беше најголема провокациија да студирате на ФЕИТ?
- Најголема провокација ми беше фактот дека се смета за еден од потешките, како и желбата да студирам компјутерско инженерство. Отсекогаш сум сакал да се предизвикувам себеси избирајќи го потешкиот пат, бидејќи верувам дека така најмногу се учи и напредува како личност. Откако ја донесов одлуката дека сакам да студирам компјутерско инженерство, доволно беше да истражам кој факултет го сметаат за најтежок, но и кој има квалитетен кадар, за да ми стане јасно дека ФЕИТ е факултетот за мене.



Факултетот нуди повеќе студиски програми. Кој беше Вашиот избор и зошто?
- Изборот, искрено, не беше лесен бидејќи факултетот има повеќе студиски програми кои ме интересираа и тогаш, па и денес. Меѓутоа, на крај се решив за студиската програма Компјутерски технологии и инженерство (КТИ), бидејќи мојот фокус беше на компјутерските системи и сакав да го продлабочам моето знаење за нивниот хардвер и софтвер колку што е можно повеќе, а оваа програма ги имаше одговорите на речиси сите мои прашања.

На КТИ, пред сè, се учи проектирање (на различни компјутерски системи или делови од системи). Каде најмногу се пронајдовте себеси?
- Тешко ми е да кажам дека сум се пронашол само во една област. Меѓутоа, ако морам да изберам, би рекол дека тоа се областите на компјутерски архитектури, вградливи компјутерски системи, дистрибутивни компјутерски системи, оперативни системи и компјутерски мрежи.



Како би го опишале односот на професорите и на асистентите на ФЕИТ кон студентите? Што Ви остави најголем впечаток?
- Пред да се запишам на факултет слушав секакви приказни за злонамерни професори и асистенти, поради кои ќе паднеш на испит без да имаш можност да го покажеш своето знаење. Но, откако ги почнав моите студии на ФЕИТ, сфатив дека тоа не е така. Професорите и асистентите секогаш беа подготвени да одговорат на нашите прашања, па дури и надвор од одредените часови за консултации. Комуникацијата беше секогаш присутна и ниту еден детаљ не беше оставен нејасен. Искрено, би сакал да им се заблагодарам на сите мои професори и асистенти за нивната помош, но и трпение, затоа што јас речиси секојдневно ги бомбардирав со прашања.

Вие сте еден од ретките студенти што дипломирале со просек 10,00. Дали тоа си го поставивте како задача уште кога се запишавте на ФЕИТ или едноставно се случи? Сте преполагале ли некој испит?
- Кога почнав да студирам, поради гласот кој го биеше ФЕИТ дека дипломирањето на овој факултет е голем предизвик, мојата единствена цел беше да ги положам испитите по можност од првпат, за да дипломирам во рок од четири години. Што се однесува до оценката на испитите, мојата одлука беше да дадам сѐ од себе кога ќе ги подготвувам испитите и по можност да имам успех над 8,00. Кога заврши првиот семестар, не ми се веруваше дека всушност успеав сѐ да положам од првпат и со највисоката оценка. Тоа ми стана мотивација да продолжам и понатаму со истата стратегија, што резултира во тоа да дипломирам со 10,00 просек без ниту еднаш да преполагам ниту еден испит.



Дали односот на професорите е различен кон еден „суперстудент“?
- Мислам дека односот не професорите не беше поразличен од оној со другите колеги, особено бидејќи јас и моите колеги еднакво бевме мотивирани да учиме и да се подобруваме. Притоа имајќи 10-ка по еден предмет, не значи дека ќе имате и по друг, така што константно требаше да го покажуваме своето знаење.

Бевте една година на пракса во Јапонија. Раскажете ни каде, како се случи соработката?
- Додека студирав на четврта година, по препорака од една пријателка ја пронајдов Програмата Vulcanus in Japan, која е под покровителство на EU - Japan Центарот за индустриска кооперација, со седиште во Брисел. Целта на оваа програма е да им овозможи на странските студенти од европските земји да го надградат своето знаење во областа во која студираат преку работна пракса која ќе се реализира во некоја компанија во Јапонија. Трае една година и нуди четиримесечен курс за изучување на јапонскиот јазик и 8 месеци работна пракса во јапонската фирма/компанија од областа блиска на студентот кој е прифатен од програмата. Бидејќи уште одамна имав интерес за Јапонија како земја (го изучував и јапонскиот јазик паралелно со моите студии), решив да си ја пробам среќата и аплицирав. Неколку месеци подоцна ја добив веста дека сум прифатен и дека праксата ќе ја извршувам во Asial корпорацијата во Токио, Јапонија. Оттогаш остана само да ги одбројувам деновите до моето заминување во далечната земја и да ја реализирам мојата желба да живеам една година во Јапонија.



Јапонија е една од најпросперитетните земји во светот, особено на полето на технологиите. Што научивте таму?
- Па, многу работи. Прво, научив како едно општество може полесно и поорганизирано да функционира со помош на технологијата. На пример, јавниот превоз е толку лесен и едноставен за користење бидејќи сѐ може да направите преку терминалите кои се поставени на секој влез од метро/воз станиците. Рестораните примаат нарачки преку таблети, па дури имаат и роботи на влезовите кои ви објаснуваат што може да нарачате додека чекате ред да седнете. Едноставно, искусив како е да се живее во општество каде што луѓето веруваат во технологијата и истата ја почитуваат, така што не ја оштетуваат. Кога почнав со праксата, научив и кои технологии ги преферираат Јапонците, како и различниот пристап кон програмирањето и компјутерските системи. Секој ден од мојата работна пракса беше многу интересен бидејќи секогаш откривав и учев по нешто ново. Благодарен сум ѝ на фирмата што ми го овозможи тоа.



Дали претходното искуство од ФЕИТ Ве имаше подготвено за Јапонија?
- И да и не. Компјутерското инженерство е огромна област составена од многу подобласти и секако дека четири години студирање се недоволни за да ве подготват за сѐ. Меѓутоа, ФЕИТ ме научи доволно да знам како да продолжам понатаму во секоја од тие области, односно ми ја даде основата и тоа беше доволно. А што се однесува за најголемиот впечаток, сепак морам да кажам дека општеството како целина беше нешто што досега го немав видено. Иако имав доста читано за оваа земја, гледано серии и филмови од кои знаев дека Јапонија е како земја од иднината, никогаш не очекував дека навистина и така ќе се чувствувам кога ќе пристигнам таму.

Што би им препорачале на тие што сакаат да студираат на ФЕИТ?
- Нека не ги спречува тоа што другите го велат за Факултетот. Ако е тоа што сакате да го студирате и сметате дека можете да го научите на ФЕИТ, тогаш без најмало двоумење запишете се таму. Професорите и асистентите се секогаш подготвени да ги прифатат вашите прашања и да ви пренесат знаење. Доколку го изберете и се запишете на ФЕИТ, слободно прашувајте сѐ што ви е нејасно, но секако подгответе се да вложите и малку повеќе труд бидејќи патот до успехот никогаш не е лесен.