Едноставни методи за манипулација со луѓето

Едноставни методи за манипулација со луѓето

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Агентите на специјалните служби, психолозите, политичарите, експертите за специфични бизнис-структури, а понекогаш и обичните луѓе користат методи за манипулација на свеста за да ги постигнат своите цели. Жртвата најчесто не се ни сомнева дека е објект на манипулација. За тоа како се манипулира со свеста и како да се заштитиме од тоа, ви пренесуваме дел од книгата „Безопасна комуникација, или како да се стане неранлив“.

фото извор: Pinterest

Методи:

1. Манипулација со чувство на вина или навреденост

Користењето на навредите или чувството на вина е една од најсигурните техники за манипулација на блиска личност. Се случува човек да живее во улога на жртва со години и сите веќе да се навикнат на тоа, меѓутоа, кај другите не предизвикува сочувство и желба за помагање, туку иритација, па дури и агресија.

Бидејќи, иако звучи чудно, жртвата е секогаш на врвот на пирамидата во семејниот систем. Таквиот човек влијае врз другите со помош на нивното чувство на вина. Со тек на време луѓето што се вовлечени во ова почнуваат директно или полусвесно да сфаќаат дека се работи за манипулација и да реагираат агресивно.

Противотров

Најдобро е во семејството да се развие правило да се заборават навредите. И едните и другите да не ги споменуваат гревовите од минатото при семејните кавги. Секако, тоа нема да донесе ништо добро. Важно е да постои цивилизирано и конкретно анализирање на одредениот проблем, без какво било оценување на мината случка и партнери. Треба да се разјасни ситуацијата за да се намали веројатноста на повторување на слична ситуација. Тоа нека биде правило за вашето семејство.

2. Манипулација со бес

Постојат луѓе што се „надвор од себе“ за да ве натераат да им се покорите. Тоа се манипулатори кои користат таканаречен тактички бес.

Противотров

Најлошата работа е да се влезе во замката на таков човек. Ако неговата тактика функционира, во иднина ќе постапува така и со вас и со другите. Потребно е да бидете одлучни – не треба да се повлекувате и да дозволувате некој постојано да ви вика. Ако манипулаторот го прави тоа постојано, заминете си. Продолжете со таквото однесување и на наредните средби кога е бесен, додека не научи разумно да се однесува со вас.

3. Манипулација со молчење

Луѓето често молчат кога сакаат да покажат дека се вознемирени. Со тоа се создава непријатна атмосфера. Молчењето предизвикува чувство на вина.

Противотров

Обидете се да се воздржите од додворување бидејќи ако неговиот метод еднаш функционира, постојано ќе го користи. Однесувајте се како да е нормално. Чекајте додека самиот не го прекине молчењето. Ако започнете разговор, објаснете го вашето гледиште. Дури и ако вашиот соговорник продолжи да се мурти по разговорот, ќе знаете дека сте направиле сè што сте можеле.

4. Манипулација со љубов

Оваа манипулација е наменета за блиски луѓе. Стравот од одбивање и губење на љубовта е втиснат во луѓето уште од детството. Многу родители несвесно манипулирале со децата велејќи: „Ако ме сакаш... Ако ме слушаш...“

Противотров

Љубовта не е предмет на тргување, туку резултат на однос. Кога ќе сфатите дека се врши експлоатација на вашите чувства, размислете дали ви е тоа потребно.

5. Манипулација со надеж

Убавите ветувања често во себе кријат желба за моментална корист од нивниот автор.

Противотров

Верувајте им на фактите, а не на мислењето. При носење одлука потпрете се на реалните искуства, а не на туѓите приказни или претпоставки.

6. Манипулација со суета

Пофалбите често се користат за остварување на своите цели, а често може да изгледаат како невини коментари.

Противотров

Размислете дали сте планирале да го направите предложеното пред искажаната провокативна сугестија. Дали е замисленото во согласност со вашите интереси и способности.

7. Манипулација со иронија и сарказам

Манипулаторот избира ироничен тон, критични забелешки и коментари, зачинети со шеги.

Противотров

Ако не подлегнете на провокациите на манипулаторот, потсетувајќи се себеси со кого си имате работа, ќе бидете во можност да ја сочувате јасноста на мислите, прецизноста на формулациите и емоционалниот баланс.