Марија и Магдалена, сестри што страсно читаат и ги заразуваат и своите другарчиња во Стење, но и на интернет

Марија и Магдалена, сестри што страсно читаат и ги заразуваат и своите другарчиња во Стење, но и на интернет

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Mary and Maggie е нивниот јутјуб-канал на кој постираат видеа во кои ги раскажуваат своите омилени книги

Марија има девет години, а Магдалена наскоро ќе наполни седум. Тие се сестрички родени во Скопје, а во последните четири години живеат во Стење, Преспа, откако нивните родители Јасмина и Андреј Марјановиќ одлучиле да го сменат начинот на живот. Навидум обични девојчиња, а за денешни услови богами и „необични“ со хобито што го негуваат – читање книги!


Додека повеќето родители на деца од овие возрасти мака мачат да ги убедат своите деца да читаат макар и по неколку реченици на ден, родителите на Марија и на Магдалена имаат друга мака – како да ги оттргнат од премногу читање! Откако забележаа дека добро им оди, тие почнаа многу позитивно да влијаат и врз своите другарчиња, а оттаму и идејата љубовта кон книгата да ја пренесат и на поширока публика, односно со свој јутјуб-канал Mary and Maggie.

Не можеме да ги сопреме

И двете учат во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Стење. Марија е четврто одделение, а Магдалена – второ. Мајка им Јасмина Илиевска-Марјановиќ, дипломиран филолог, се потсетува за тоа како се родила љубовта кон читањето.

- Уште од лулка си игравме и раскажувавме со меки, бебешки книги, но мислам дека Марија вистински се вљуби во книгите на возраст од 2 до 3 години, кога првпат ги пронајдовме книгичките од едицијата „Пикси“ на „Топер“. Tаа едиција има прекрасни детски изданија за сите фази од растењето на малите момчиња и девојчиња и ние уживавме да растеме со нив, ни помагаа да се запознаеме со градинката, одењето на доктор, забар, училиште, сѐ по ред... Постојано ѝ читавме сликовници и Пикси-книгички пред спиење, како и повеќето родители, а таа покажуваше неверојатна меморија и јазична дарба, ни бараше често да ѝ ги читаме и ги знаеше наизуст уште тогаш – се потсетува Јасмина.

Омилена книга на Марија ѝ е „Принцезата и Гоблинот“

Таа ни раскажува дека не ја учеле азбуката предвреме и ја оставиле Марија да ја научи на училиште за да ѝ биде интересно.

- По новата програма во прво одделение се запознаваа со азбуката преку препознавање, па така и таа како и сите дечиња, дури на крајот од прво одделение почна да ги спојува буквите во читање. Во второ веќе читаше течно и оттогаш натаму не можеме да ја сопреме. Почна со лектирите („Зоки Поки“ од Оливера Николова мора да ѝ беше првата вистинска книга), потоа почна да добива разни детски списанија со активности како подарок од своите бабички („Играј“, „Направи сам“, „Барби“, „Дизни принцеза“), а претходно во градинка уживавме и со „Росица“), па ги откри домашните збирки со бајки од целиот свет, а во трето и новите детски книги од „Арс Ламина“, „Топер“, „Икона“, „Три“... Негде второ-трето одделение се заразивме и со стрипови (мама чуваше збирка „Микијев забавник“ од своето детство, а тато е голем љубител на стрипови), па Марија почна да чита и на српски јазик. А годинава веќе сосема убаво чита и на англиски јазик – вели мајката на Марија и на Магдалена.

Последното видео на Магдалена е за „1001 ноќ“

Како и на речиси секое второ дете во семејството, на Магдалена ѝ било и полесно и уште на почетокот на второ одделение почна да чита сосема течно.

- Искрено, ние дома моравме да ја ограничиме оваа нивна страст и временски да го дозираме читањето, како и цртањето и гледањето цртани или играњето компјутерски игри. Децата сосема се занесуваат во овие активности и би сакале бескрајно да ги прават, но мораме да им ги чуваме видот и здравјето – категорична е Јасмина.

„Принцезата и Гоблинот“ – омилена книга

Ја прашавме Марија зошто сака да чита книги.
- Мислам дека сакам да читам затоа што книгите ми се интересни, ама, всушност, не знам зошто. Тоа е како кога учителката ме прашува зошто ми е убав снегот, а јас ѝ велам: „Не знам зошто, тоа е како што не знам зошто ги сакам многу мама и тато, а многу ги сакам“ – искрено ни одговори Марија, која ни призна дека најмногу сака да чита бајки, измислени приказни и романи.


- Омилена книга ми е „Принцезата и Гоблинот“ од Џорџ Мекдоналд на „Арс Ламина“, за која снимивме видеоприлог уште лани. Оттогаш прочитав уште многу книги што многу ми се допаѓаат, особено ми се допаѓаат книгите од „Арс Ламина“ („Лесната принцеза“ од Џорџ Мекдоналд, „Морските самовили“ од Л. Френк Баум, „Доктор Дулитл“ од Хју Лофтинг, „Мачки детективи“ од А. Гати и Д. Морасиното ...). Но, сѐ уште ми е омилена „Принцезата и Гоблинот“ – категорична е Марија.

Мајка ѝ ни ја прошири долгата листа со книги што Марија ги има и по повеќе пати прочитано - „Девојчето што ги прескокна небесата“ од Зоран Понграшиќ, „Господинот Смрдливко“ од Дејвид Валијамс, „Момчето Молња“ од Јагода Михајловска-Георгиева, „Пипи Долгиот Чорап“ од Астрид Линдгрен, „Двојната Лота“ од Ерих Кестнер, „Тијара клуб“ од Вивијан Френч, „Спомените за Споменка“ од Горјан Петревски, „Втората смена“ од Велко Неделковски, „Хајди“ од Мари Жозе Мори.

Идејата за јутјуб-каналот била на таткото на Марија и Магдалена

- Тој ни е главниот продуцент, режисер, снимател, светло и тон-мајстор, монтажер, дизајнер, аниматор и интернет-гуру... Таму и двете ги покажуваат работите што сакаат да ги прават и да ги споделат со други дечиња. Се надеваме дека ќе наидат на врсници со кои ќе може да другаруваат и да разменуваат искуства... Читањето беше само една од нивните активности за кои снимивме видеа. Искрено, се изненадивме кога сфативме дека читачките навики на повеќето деца не се како оние на нашите деца, па сега се обидуваме да најдеме соодветен начин да ги заразиме и другите – вели Јасмина.


Таа тврди дека новите медиуми можат да помогнат и за стекнување позитивни навики.

- Мислам дека на децата денес им недостига читањето да биде интересно и забавно. Родителите и учителите би требало да им помогнат во тоа. Но, можеби најмногу можат да влијаат самите деца со својот пример и со својот природен натпреварувачки дух. Има некои медиуми што се особено погодни за преодниот период, како стрипот, видеото, анимацијата. Би сакале читањето повторно да стане кул. Во договор со учителката, јас направив обид овде во Стење да ги заинтересираме другите дечиња и наидовме на многу искрен полет кај децата, секоја недела се договараме што наредно ќе читаме, читаме гласно пред сите, како да глумиме претстава, и тоа многу им се допаѓа, па вежбаат и сѐ подобро читаат – вели Јасмина.



Што друго, освен читање книги, сака Марија?
- Многу сакам да цртам, да играм на музика, да слушам музика, да пеам и да свирам, да глумам во претстави, да кажувам вицови, да си играм со сестра ми, да гледам цртани, да играм компјутерски игри, да играм борд-игри, да изработувам работи од хартија, да играм со лего-коцки, да го возам мојот велосипед, да пливам, да се гушкам со мама и тато... Иако се различно одделение, Марија и Магдалена учат заедно во комбинирана настава со десетина ученици. Презадоволни се од нивната учителка Благуна Тасевска.

- До лани имавме две учителки и две паралелки, но бројот на учениците секоја година се намалува. Учителката врвно им ја пренесува програмата, а е прекрасен педагог. Марија во прво одделение велеше: „Учителката ми е како мајка“. Таа има многу повеќе време за учениците и убаво се комбинирани различните возрасти во заедничка работа. Имаме и учителка по англиски јазик, а имаме и училиштен автобус. Се чувствувам привилегирана, како кога би биле во приватно училиште со настава еден-на-еден и мешани паралелки од разни возрасти. Можеби училиштето е старо и се урива, можеби немаме нови компјутери и фискултурна сала, но насекаде училиштето е насликано со весели цвеќиња, украсено со творбите на децата, секогаш е топло, светло и радосно. Сите учители, психолози и педагози што се во контакт со овие ученици се воодушевени од пријатната, домашна атмосфера и од проектите на учениците. Постојано имаат креативни активности, учествуваат на натпревари, а ние, родителите, се вклучуваме во заеднички проекти кога сме во можност – презадоволна е мама Јасмина.

 

Со оглед на тоа дека живеат во помало место, нормално ни се наметна прашањето како ги набавуваат книгите за своите деца. Инаку, Марија и Магдалена се внуки на пензионираниот универзитетски професор Ѓорѓе Марјановиќ.

- Нашите роднини и пријатели, и особено нашите две бабички, постојано нѐ снабдуваат со свежа литература од Скопје, за сите поводи, празници, тоа ни се првите желби. Во училиштето има мала библиотека од каде што постојано позајмуваме лектири и прекрасни книги. Во Ресен има една книжарница каде што станавме редовни купувачи на ЛИБИ и МИНИ ЛИБИ, најновото списание за деца во кое сосема се заљубивме, а има и Градска библиотека каде што веќе ќе треба да ја зачлениме – ни објасни Јасмина.

Многумина би им честитале на одлуката на Јасмина и Андреј да го напуштат Скопје и да одат во помало место. Идејата била на Андреј.
- Се решивме затоа што имаме професии кои дозволуваат работа од далечина, а ние одамна посакувавме да живееме на убаво, чисто и здраво место. Во мигот кога Марија требаше да тргне во прво одделение се најдовме пред изборот „сега или никогаш“. Се решивме, дојдовме и сѐ тргна добро. Марија од прво видување се вљуби во новото училиште и во новата учителка и така останавме овде. На двете им се допадна новото место, каде што има чист воздух, езеро за пливање во лето и снег на планината во зима. Воодушевени се од природата и таа е во сите нивни цртежи. За загаденоста во Скопје дознаваат и не само од нас. Но, загаденоста е проблем на целава планета, па и овде мораме да внимаваме на загадувањето поради прскањето на јаболковите насади – признава Јасмина.