Богатите луѓе живеат 10 години подолго од сиромашните

Богатите луѓе живеат 10 години подолго од сиромашните

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Богатите луѓе имаат речиси една деценија подолг животен век, покажуваат нови истражувања.

Истражување спроведено од Универзитетскиот колеџ во Лондон покажа дека оние што се најбогати имаат тенденција да живеат многу подолго без болести и хендикеп од оние што се најсиромашни.

Истражувањето било објавено во списанието „Журнал оф геронтолоџи“, а експертите анализирале податоци од над 25.000 луѓе на возраст од 50 години и од англиското истражување за стареењето и американското истражување за здравство и пензија.

Истражувачите откриле дека иако немало големи разлики помеѓу Велика Британија и САД кога станува збор за животниот век, богатството имало значително влијание врз тоа колку години живееле учесниците.

Податоците покажале дека на 50-годишна возраст најбогатите мажи во Англија и во САД живееле дополнителни 31 година во добра здравствена состојба, во споредба со 22 до 23 години за оние во најсиромашната група.

bogati luge

Во меѓувреме, жените од најбогатите групи во САД и во Англија живееле дополнителни 33 години во добра здравствена состојба, во споредба со 24-25 години кај сиромашните.

- Нееднаквостите во очекуваниот животен век постојат и во двете држави и се со слична големина. Во двете држави напорите за намалување на здравствената нееднаквост треба да бидат насочени кон луѓето од загрозените социоекономски групи - велат истражувачите.

За истражувањето биле собрани податоци во 2002 година и учесниците биле следени до една деценија, за да се види какво е нивното здравје.

- Додека животниот век е корисен показател за здравјето, квалитетот на животот како што старееме исто така е од клучно значење - вели д-р Паола Заниното, главен автор на извештајот.

- Со мерење на очекуваниот животен век можеме да добиеме процена на бројот на години поминати во поволна здравствена состојба или без хендикеп. Нашето истражување дава единствен придонес за разбирање на нивото на нееднаквоста во здравствените очекувања помеѓу Англија и САД, каде што здравствените системи се многу различни - додава таа.