Кој е најзастапениот автомобил на Сибир?

Кој е најзастапениот автомобил на Сибир?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Не, не е „лада“

Да се биде возач во Јакутија, Тајмир и Чуктока воопшто не е лесно, пишува Ана Сорокина во текст за порталот „Раша бијонд“, кој е многу интересен зашто детално објаснува кои марки на автомобили и зошто најмногу се користат на истокот од Русија, каде што температурите во зима се спуштаат и до 50 степени под нулата.

Луѓето мора да се приспособат на условите, па според тоа и одбираат технологија која е доволно издржлива за превоз на најниските можни температури.

Жителите на Јакутск, Норилск и Ворукта, но и во западните градови како Новосибирск или Иркутск својот автомобилски живот го живеат како никој друг.

Јакутија е најголемиот и најстуден регион во Русија, каде што на две места - во Ојмјакон и Верхојанск - се забележани температури и до -70 степени, а во Јакутск, главниот град на регионот, -50 степени е вообичаена појава во текот на зимата, пишува Сорокина.

Ако сте се запрашале што најмногу се вози таму поради ледените зимски услови и сте помислиле на некои големи теренци или возила со повеќе од 4 тркала, сте се излажале.

На улиците во најисточните руски региони може да се видат најмногу јапонски, главно постари модели карактеристични за јапонскиот пазар со управувач на десната страна.

Причината е тоа што Јапонија е блиску, па истокот на Русија се снабдува со поволни возила од таа земја, најмногу преку пристаништето во Владивосток, каде што пристигнуваат многу бродови со илјадници стари автомобили, а цените се многу пристапни. Тоа што управувачот е на десната, а не на левата страна нема никаква врска и не е пречка при регистрирањето.

Кои модели се најпопуларни, открива порталот „Дром“, кој ја составил листата со најпродавани автомобили во Јакутија. Бил анализиран пазарот од 2015 до 2020 година. Се покажало дека во текот на целиот период првите пет места ги заземале различни модели на јапонската „тојота“ со волан на десната страна, додека во западните делови на Русија, традиционално, најмногу се продавала домашната „лада“.



Во 2020 година првото место го зазела „тојота јарис“, а второто „тојота корола“. Следуваат седаните „тојота алион“ и „премио“ и миникомбето „тојота ипсум“. Сите тие модели се покажале добри во зимски услови, а покрај тоа и не трошат многу, што е многу важно со оглед на тоа дека возачите во Јакутија не го гасат моторот некогаш и по неколку недели за да не им „се замрзнат“ автомобилите.

Некои сопственици во автомобилите дополнително вградувале опрема за загревање на моторот и внатрешноста на автомобилот, па животот на -50 степени сепак е поподнослив.

Прегледот на моделите на автомобили, на пример, во Норлиск, каде што теренот е многу ладен и тежок за возење, покажал дека и таму најзастапена е „тојота“, и тоа со теренскиот модел „ленд крузер“.

Следуваат руската „лада“ (најчесто новиот модел „веста“), па „киа рио“, „хјундаи соларис“ и „нисан Х-трејл“. На Чукотка сликата на возниот парк е речиси иста.

Но, не се возат само јапонски автомобили, има и многу кинески, а руската гордост на северот на Русија ја бранат современиот теренец „УАЗ патриот“, потоа легендарниот минибус или комбе УАЗ-452 (2206 „уханка“), кој без измени се произведува уште од советско време. Го користат службите на итната помош, полицијата, меѓуградските превозници, приватниците и компаниите. Речиси сите се приспособени на екстремните зимски услови и нема конкуренција во однос на цената (11.500 евра).

Популарно е и поголемото комбе „ГАЗ собољ“, кое исто така често го користат државните служби и превозници, како и теренецот УАЗ-469 или „хантер“, кој непроменет се произведува веќе 51 година и е многу популарен.

Она што е карактеристично за сите автомобили во Сибир е погонското гориво. Станува збор исклучиво за бензинци поради познатиот проблем на смрзнувањето на дизелот на ниски температури. Притоа, тоа што со денови се со запалени мотори не е некој проблем затоа што горивото е многу поевтино.

Извор: Jutarnji
Фотографии: Pixabay