Нов третман може да го поправи срцевиот мускул по срцев удар

Нов третман може да го поправи срцевиот мускул по срцев удар

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кардиоваскуларните болести се најчеста причина за смрт на глобално ниво. Срцевиот удар го оштетува срцевиот мускул и остава лузни кои може да предизвикаат дополнителни компликации. Меѓународна група истражувачи од Универзитетот на Сиднеј развиле метод за враќање на еластичноста на оштетеното срцево ткиво по срцев удар.

Се препорачува вбризгување на протеинот тропоеластин во срцевиот мускул, кој може да ги направи поеластични лузните на срцето и да му помогне полесно да работи.

- Ова истражување го покажува потенцијалот на тропоеластинот во поправањето на срцето и покажува дека понатамошните истражувања може да дадат нови сознанија за неговата улога во идните третмани и терапии - изјавил главниот истражувач, Роберт Хјум.

Истражувачите го засновале своето истражување на експерименти на стаорци. Со помош на нова технологија за оперирање, бил вбризган тропоеластин во обвивката на срцето кое претходно преживеало удар. Било забележано дека 28 дена подоцна, срцевиот мускул ја вратил својата еластичност и мускулна функција на слично ниво како пред срцевиот удар. Тропоеластинот ја намалил големината на лузната и ја стабилизирал со зголемување на еластинот во мускулот околу неа.

Научниците направиле и експерименти со човеков срцев мускул во лабораторија и заклучиле дека тропоеластинот ја зголемил еластичноста на ткивото.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: Pixabay