Чернобил денес - видео од најрадиоактивното место на планетата
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Преку фотографии и видеа на босанскиот патописец Роберт Даќешин, следбениците често имаат можност да патуваат до најинтересните дестинации во светот, а секоја негова објава носи приказна специфична за одредена област. Во едно од последните видеа Даќешин ја прикажува приказната за место што самиот го нарекол најрадиоактивното на планетата.
- Сосема обично априлско утро. 26 април 1986 година, да бидам прецизен. Некаде околу два часот по полноќ. Жителите на малиот украински град Пријпат биле во длабок сон. Не можеле ни да си претстават дека нивниот живот целосно ќе се промени во следните неколку минути. Одеднаш, бум! Се слушнала експлозија. Се запалиле светлата - се наведува во описот на видеото.
Следното утро жителите дознале дека експлодирала нуклеарната централа во Чернобил.
- Оние што преживеале, денес знаат дека биле сведоци на најголемата нуклеарна катастрофа во историјата на човештвото - додава Даќешин.
Автентична перспектива
Во своето видео патописецот прикажува како изгледа денес ова подрачје. Гледачите имаат можност да прошетаат по улиците на Пријпат, да го посетат селото Залиша, во чија близина се наоѓа црква која и денес функционира.
Освен тоа, видеото нуди увид во тоа како изгледа една тура во Чернобил, колку чини и што можат да очекуваат посетителите.
- Дали некогаш би отишле во Чернобил и дали сте изненадени од она што го видовте во видеото - прашува Даќешин.
Неговото видео нуди ретка и автентична перспектива на место што е светски симбол на нуклеарна катастрофа, но и потсетник на човечката љубопитност и желба за откривање на историјата и современоста преку лично искуство.
Фото: Screenshot/YouTube