Зборот
прекрастинација (prеcrastination) залудно ќе го барате во речниците за англиски јазик. Нема да го најдете ни во
Google Translate. Тој е нов збор во психологијата и - како што можеме да забележиме – уште не е одомаќен и во англискиот јазик. Зборот
precrastination е сличен до еден друг збор:
prоcrastination, но за разлика од првиот збор, овој е општо познат и широко користен во психологијата. Оттука, за да се разбере значењето на овој збор, корисно е да се разбере значењето на зборот прокрастинација.
Прокрастинација (prоcrastination) е непотребно одложување на вршењето на задачата или на почетокот на вршењето на задачата, толку колку што тоа е можно, до последен момент.
Прекрастинацијата (prеcrastination) е спротивна на прокрастинацијата. Тоа е тенденција задачата да се заврши што е можно поскоро, пред рокот што е определен за вршење на задачата, дури и при зголемен трошок и при зголемен физички напор. При прекрастинацијата, значи, важно е задачата
брзо да се заврши.
Овој термин го вовел Розенбаум (Rosenbaum) врз основа на експериментите што ги вршел во 2014 година, во психологијата познати како експериментите со кофи.
Всушност, Розенбаум извршил серија експерименти. Стандардниот експеримент што го извршил е едноставен и интересен и ќе биде накратко опишан.
Експериментаторот обележал патека, долга околу 5 м (16 ft), широка околу 90 см (3 ft) на која поставил две идентични пластични кофи, на левата и на десната страна од патеката, на различна оддалеченост од почетната точка. Задача на испитаниците била да одат по патеката, да земат една кофа и да ја однесат до крајната точка на патеката, јасно обележана. Експериментаторот нагласил дека тие треба да ја извршат задачата на полесниот начин, со оглед на фактот што задачата може да се изврши на два начини.
Очекување на експериментаторот било дека испитаниците ќе се определат за кофата што е поблиску до крајот на патеката затоа што така ќе се носи на пократко растојание. Но, спротивно на очекувањето, испитаниците ја избирале кофата што била поблиску до почетната позиција, односно подалеку од крајната точка на патеката до која требало да се однесе. Значи, повеќето испитаници се определувале за кофата која требало да се носи на подолго растојание.
Ваква тенденција била забележена и тогаш кога се констатирало дека вршењето на задачата претставува неразумен избор и троши повеќе енергија или ресурси.
Еве неколку примери за прекрастинација. Всушност, прекрастинација имаме секогаш кога се настојува задачата да се изврши
веднаш, без да се размисли дека има, можеби, подобро решение, дали се губи повеќе време отколку што е потребно и дека е потребен поголем напор. Познато е дека има луѓе што веднаш одговараат на е-пошта, без да размислат за тоа. Исто така, има луѓе што сметките за струја, парно и сл. ги плаќаат веднаш штом ќе дојдат. Понатаму, студентот предава семинарска работа во рок од 2-3 дена по приемот на задачата, иакo има рок од, на пример, 1 месец, без да размисли дека е корисно да ја погледне семинарската работа уште еднаш пред да ја предаде.
Според мислењето на Розенбаум (2014), Ма и Жанг (Ma & Zhang, 2023) и други, прекрастинацијата е присутна кај 15-20 проценти од популацијата.
Теории за прекрастинацијата
Смалување на менталната оптовареност. Теориите што ја објаснуваат прекрастинацијата се сконцентрирани главно на смалување на менталната оптовареност. Според тековната мејнстрим-теорија, прекрастинацијата им овозможува на лицата да се ослободат од менталниот напор, да ја избришат таа обврска од менталниот список со обврски и на тој начин да ја олабават менталната оптовареност, што тековно е најприфатено теориско објаснување.
Можност за брза награда. Извршувањето мали, лесни задачи кај лицето произведува задоволство. Прекрастинацијата овозможува задачата да се започне што е можно порано и така се обезбедува брзо задоволство од извршената работа.
Во англискиот јазик постои израз “Low-hanging fruit”, кој често се користи. Изразот Low-hanging fruit – нисковисечко овошје - има буквално и индиректно значење. Буквалното значење на ‘нисковисечко овошје’ е овошје кое виси ниско и според тоа е достапно и може многу лесно да се набере. Индиректното значење на овој израз е нешто што може лесно и брзо да се направи или добие, или некој кој може да се убеди со малку напор или без напор.
Берењето „нисковисечко овошје“ е една манифестација на прекрастинацијата.
Еволутивна основа. Од психолошка гледна точка прекрастинацијата може да има еволутивна основа. Во контекст на преживување, зграпчувањето на најдостапната храна имало смисла затоа што подоцна можеби немало да биде достапна. Овој вроден инстинкт придонесува кон тенденцијата да се прекрастинира. Во суштина, чинот на одење по „нисковисечкото овошје“ е бихевиорален израз на психолошкиот феномен прекрастинација.
Во поголемиот дел од историјата на човекот како вид, потрагата по нисковисечко овошје имала смисла. Кога секојдневниот живот бил неизбежно опасен, кога ловот бил неуспешен, веројатно имало смисла да се стремиме кон брз успех. Нашите мозоци поминале стотици илјади години еволуирајќи под тие околности, а имале само неколку стотици години под релативно безбедните околности на современиот живот. Овој вроден импулс може да ги наведе современите луѓе да ја изберат задачата за која им се чини дека побрзо ќе ја извршат.
Црти на личноста. Прекрастинацијата може да биде предизвикана од стравот дека задачата нема да биде завршена навреме.
Истражувачки наоди
Последниве неколку години се извршени голем број истражувања со цел да се утврди природата на прекрастинацијата и нејзината поврзаност со други психолошки варијабли. Ќе споменам накратко некои истражувачки наоди, а подетално ќе се задржам на едно ново, според мое мислење, значајно истражување.
Гериг и Херзберг (Gehrig & Herzberg, 2025) емпириски ја испитале поврзаноста помеѓу прекрастинацијата и некои карактеристики на личноста, како анксиозност и компулсивност, хроничен стрес и компулсивните карактеристики на личноста. Во едно онлајн истражување врз мостра од возрасни (N = 200) тие нашле дека прекрастинацијата била поврзана со хроничен стрес и со компулсивните особини на личноста.
Но, во едно друго истражување (Wasserman & Brzykcy, 2015) било констатирано дека феноменот прекрастинација постои и кај други организми, гулабите. За гулабите не може да се рече дека прекрастинираат за да го смалат притисокот врз менталната оптовареност. Според тоа, други фактори може да се поврзани со феноменот прекрастинација.
Едно истражување, неодамна спроведено под рaководство на Фокс (Fox) од Одделението за психологија при Универзитетот „Свети Лоренц “ (St. Lawrence University, Canton, New York) има амбициозна цел: да се дефинираат границите и да се идентификуваат механизмите на прекрастинацијата. Истражувањето е објавено во списанието Journal of Experimental Psychology: Human Perception and Performance (2025, vol. 51).
Фокс извршил два експеримента. Со првиот експеримент сакал да истражи дали со импулсивноста, на ниво на црта на личност, може да се предвиди прекрастинацијата. Тоj сметал дека поимпулсивните лица ќе се определат за првата кофа на која ќе наидат само затоа што прво наидуваат на неа и не можат да се спротивстават на внатрешните импулси да ја зграпчат кофата.
Во овој експеримент Фокс ја применил постапката на Розенбаум, но експериментот го проширил со нов елемент. Имено, по завршувањето на експериментот со кофите, испитаниците биле повикани во соседната просторија каде што биле изложени на Delay Discount task. Delay Discounт е таква задача при која на испитаниците им се нудат различни планови на награди, односно тие треба да направат избор помеѓу мала награда сега или поголема награда подоцна, користејќи хипотетични парични износи.
Резултатите покажале дека испитаниците прекрастинирале на задачата со кофите, но изразиле и подготвеност да се откажат од различни теориски награди сега во замена за поголеми награди во иднина. Оваа задача се користела за мерење на импулсивноста на испитаниците на ниво на особина. Поинаку речено, не е најдена поврзаност помеѓу импулсивноста мерена преку задачата discount и веројатноста дека испитаникот ќе ја одбере блиската кофа во задачата со кофите.
Во вториот експеримент Фокс развил проширена верзија на експериментот со кофите преку систематско зголемување на тежината на кофите и растојанието преку кое требало да се носат. Целта била да се тестираат границите на прекрастинацијата. По пат на случајност испитаниците биле распоредени во еден од трите услови на растојание. Првото растојание било до 8 ft (околу 2,40 м), второто растојание било до 24 ft (7,3 м) и третото растојание било 46 ft (14,6 м). Трите услови на тежина биле: 0 фунти, 4 фунти (околу 1,9 кг) и 8 фунти (околу 3,6 кг). Целта била да се тестираат границите на прекрастинацијата во однос на физичкиот напор.
Истражувачите нашле значајна корелација само во најлесната состојба, односно празна кофа и 8 стапки до најоддалечената кофа. Ова значи дека прекрастинацијата станувала сѐ помалку очигледна како што се зголемувале тежината на кофите и растојанието на патеката.
Значи, испитаниците прекрастинирале во најлесните услови, но прекрастинирањето било систематски намалено како што се зголемувал потребниот напор, додека во најтешките услови прекрастинирањето престанало.
Овие резултати укажуваат дека прекрастинирањето е ограничено на задачи во кои физичкиот и когнитивниот напор се релативно ниски. Прекрастинацијата се напушта кога вниманието или когнитивните барања на задачата се зголемени.
Зголемувањето на потребниот когнитивен или физички напор за извршување на задачата влијае врз склоноста на поединецот кон прекрастинирање.
Заклучок
Иако последниве години има истражувања на оваа тема, може да се рече дека прекрастинацијата сѐ уште е една нерешена загатка. Фокс и соработниците се свесни дека наодите од нивното истражување имаат ограничена важност – само за луѓе од студентска возраст. Идните истражувања – смета Фокс - ќе бидат важни за да се определи општоста на феноменот прекрастинација и за понатамошно идентификување на варијаблите што го контролираат. „Разбирањето зошто организмите прекрастинираат ќе ни помогне да ги утврдиме условите во кои можеме да организираме средини што ги прават оптималните избори поверојатни“, заклучуваат авторите.
Автор: проф. д-р Томе Николоски, универзитетски професор во пензија