Најодржливиот трговски центар во светот е во Австралија

Најодржливиот трговски центар во светот е во Австралија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во „Барвуд Брикворкс“, новиот шопинг-центар во Мелбурн, Австралија, можете да направите маникир во салон без хемиска миризба, знаејќи дека водата користена за вашиот педикир ќе биде рециклирана или искористена за ладење или наводнување на фармата на покривот од трговскиот центар.

На таа фарма можете да помогнете во засадувањето зеленчук, кој неколку недели подоцна можете да го јадете во ресторанот во самиот трговски центар. Кога купувате намирници во супермаркетот, можете да земете количка направена од рециклирани пакувања на млеко, додека шетате по ходниците осветлени од соларни цевки, алтернатива светлина што ја насочува сончевата светлина во зградата.

Се чини дека во светски рамки трговските центри умираат, претворајќи се во градови на духови бидејќи луѓето избираат да купуваат преку интернет. Но, овој трговски центар, вреден 120 милиони долари, е прилично посетен благодарение на неговата еко-иницијатива.

- Секој ден доаѓаат луѓе да го посетат „Барвуд Брикворкс“. Некои од нив дури и не купуваат ништо - вели Стивен Чои, извршен директор на Институтот „Ливинг Фјучр“ во Австралија, организација за животна средина посветена на одржливоста, која помогна да се реализира овој трговски центар преку конкурс за дизајн.

1

На прв поглед трговскиот центар изгледа како и секој друг, опкружен со голем паркинг и многу продавници, па дури и кино. Но, она што не е видливо е колку оваа зграда се разликува од другите. Трговскиот центар е промовиран како најодржливиот центар за малопродажба во светот: целокупната електрична енергија доаѓа од обновливи извори преку соларни панели на покривот, како и од ветерни и соларни фарми; сивата и црната вода (што значи отпадните води од мијалниците и тоалетите) заедно атмосферска вода ќе бидат заробени, третирани и рециклирани на самото место; а сите материјали, вклучувајќи ги и производите во салонот, ќе имаат најмало влијание врз квалитетот на воздухот.

3

Земјоделството сочинува 20 отсто од малопродажниот простор на трговскиот центар благодарение на фармата на покривот и овошките што обезбедуваат плодови и сенки околу трговскиот центар. Паркингот има три места за полнење на електрични автомобили, а секој простор за малопродажба има карактеристики за зачувување на животната средина - како што се вратите на ладилниците во супермаркетот „Волворт“ за да се намали потрошувачката на енергија и сите мораат да ги исполнат еколошките стандарди за сопствена употреба на енергија, производство на отпад и материјали.

Трговскиот центар има сертификат „Ливинг билдинг чаленџ“ - стандард за одржливост креиран од Институтот „Ливинг Фјучр“ и се смета за еден од најригорозните сертификати бидејќи бара нула енергија, отпад и вода за секој проект. Ова е првиот трговски центар во светот што го добил овој сертификат.

4

Според рецензиите на „Гугл“ и коментарите на „Фејсбук“, луѓето го посетуваат овој трговски центар затоа што е најодржлив во светот.

- Ова е само една зграда, но зграда што преку својот дизајн, конструкција и работење помогна во подобрувањето на вештините на дизајнерите и изведувачите - вели Чои.

Извор: Fast Company
Фото: Living Future Institute of Australia