Италијанско гратче нуди необична работа за луѓе со изострено сетило за мирис
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Италијанското гратче Брендола во северната покраина Виченца бара луѓе кои ќе можат да препознаваат непријатни мириси со цел подобрување на квалитетот на воздухот во местото.
Бруно Белтраме, градоначалник на Брендола, вели дека започнал кампања за регрутирање шест „оценувачи на мирис“ откако жителите кои живеат во населби близу индустриските зони се пожалиле на непријатни мириси.
Главен предуслов за оваа позиција е кандидатите да немаат алергии или респираторни болести како астма. Исто така, тие мора да имаат автомобил и паметен телефон, кој ќе се користи за забележување податоци за мирисите преку посебна апликација.
Под водство на фирма специјализирана за мерење мириси, тие ќе бидат обучени како да ги разликуваат мирисите, на пример, оние што најчесто се испуштаат од фабрики или потекнуваат од индустриски отпад или канализација. Потоа ќе добијат задача да одат на одредени локации за да спроведуваат сензорни процени.
Доколку откријат непријатен мирис, ќе поминат извесно време мирисајќи го воздухот пред да ги запишат своите забелешки во апликацијата. Крајната цел на иницијативата, која треба да трае шест месеци, е да се следи потеклото на мирисите.
- Слична истрага спроведовме пред околу пет години во индустриската зона близу местото од каде што сега доаѓаат непријатните мириси - вели Белтраме и додава дека врз основа на тоа успеале да ги идентификуваат компаниите што ги испуштаат мирисите.
- Сега го прошируваме географскиот обем за да утврдиме дали истите компании продолжиле со испуштањето непријатни мириси или се појавиле други - објаснува градоначалникот.
Виченца се наоѓа во долината на реката По, која е меѓу најзагадените подрачја во Европа кога станува збор за квалитетот на воздухот.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik