Се снима продолжение на „Формула 1“ - филмот кој го освои светот

Се снима продолжение на „Формула 1“ - филмот кој го освои светот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Се снима продолжение на блокбастерот „Формула 1“ со Бред Пит, потврди продуцентот Џери Брукхајмер. Филмот, на кој како продуцент учествуваше седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, беше номиниран за четири „Оскари“, вклучувајќи ја и наградата за најдобар филм.

Бред Пит ја толкува улогата на искусниот возач Сони Хејс, кој по подолга пауза се враќа во „Формула 1“ и вози за фиктивниот тим АПКСГП.

- Работиме на продолжението - изјави Брукхајмер на годишниот ручек на Академијата за филмски уметности и науки во Лос Анџелес иако не откри детали за времетраењето на снимањето, ниту за актерската екипа, вклучувајќи го и тоа дали Пит ќе се врати во улогата. Сепак, додаде дека ќе учествува во изборот на актерите.

Успехот на првиот филм


Првиот дел „Формула 1“, кој пристигна во киносалите минатото лето, заработи 630 милиони долари и стана најуспешен филм на „Епл ориџинал филмс“. Голем дел од снимањето се одвиваше во сезоните на „Формула 1“ во 2023 и 2024 година.

Брукхајмер изјави дека бил изненаден од успехот и од пофалбите што ги добил филмот, особено од номинацијата за најдобар филм.

- Патот до реализацијата беше прилично долг поради неколку штрајкови, но на крајот филмот очигледно ја погоди публиката низ светот. Никогаш порано не сум работел со Бред Пит и навистина е возбудливо - додаде тој.

Нови проекти

Брукхајмер, чија последна номинација за „Оскар“ беше за филмот „Топ ган: Маверик“, откри дека се подготвуваат планови за „Жестоки девојки 2“, како и уште едно продолжение на „Топ ган“ и нов филм од франшизата „Пиратите од Карибите“.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Screenshot/YouTube