Виена ги претвора паркинг-местата во зелени површини
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Паркирањето е еден од најголемите проблеми во градовите низ светот. Виена, главниот град на Австрија, покажува дека при решавањето на тој проблем може повеќе да се внимава на климата, но и на потребите на жителите.
Секој што некогаш се обидел да најде паркинг во голем град знае дека тоа може да трае цела вечност. Жителите на „градот на автомобилите“, Лос Анџелес, годишно губат повеќе од 80 часа барајќи слободно место. Ништо подобро не е ни во релативно тесните улици на европските градови.
Едно паркинг-место не е особено големо, но возила има многу и тоа обликува цели урбани пејзажи. Повеќето американски градови барем четвртина од градежното земјиште го издвојуваат за паркинг-места, а некои и повеќе.
Таквото користење на просторот не го одредува само изгледот на градот. Големи површини се покриени со асфалт кој летно време зрачи топлина и го прави животот неподнослив. Поради тоа, во многу градови се поставува прашањето колку се важни паркинг-местата и што значи тоа за движењето на луѓето.
Драстични промени во Виена
Виена, веќе позната по метежот и фрустрацијата при барање паркинг, реши да тргне по сосема поинаков пат. Наместо изградба на нови паркинзи, овој град ги отстранува.
Целта е да се разбијат бетонските површини не само за градот летно време да биде посвеж, туку и жителите да се поттикнат да користат други форми на превоз.
Градот спроведува повеќе од 350 проекти за претворање на асфалтот во зелени и јавни површини. Се отстрануваат многу паркинг-места, дури и на централниот плоштад Ноер Маркт. Таа историска локација, покрај познати туристички атракции, некогаш била преполна со автомобили. Денес е исклучиво пешачка зона со дрвја и клупи за жителите и посетителите.
Нека одлучaт станарите
Една од главните сообраќајници е претворена во велосипедска улица по пример на Холандија. Отстранети се 140 паркинг-места за да се добијат 1,3 километри велосипедски патеки и зелени површини.
Овие зафати отворија пат за т.н. „оази во соседството“ - проекти во кои жителите можат да побараат од општината одредено паркинг-место да се претвори во заедничка градина, простор за јадење на отворено или детско игралиште.
Во Виена веќе нема бесплатно паркирање. Во 2022 година е воведен единствен систем за наплата. Секое паркирање се плаќа, а посетителите може да го остават автомобилот најмногу два часа.
Клучен е добриот јавен превоз
Промените го отежнаа наоѓањето паркинг во центарот, но градот понуди алтернатива: паркиралишта „паркирај и вози“ со евтин дневен билет во близина на јавен превоз, кој во Виена е брз, сигурен и достапен.
Проширувањето на зоните за наплата носи околу 180 милиони евра годишно - пари што директно се вложуваат во велосипедска инфраструктура и алтернативни начини на движење. Поради ваквиот пристап, жителите користат автомобили 37 отсто помалку отколку во 90-тите години.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik