Одржан првиот состанок на националната иницијатива за отворена наука во облакот

Одржан првиот состанок на националната иницијатива за отворена наука во облакот

На 15.03.2021 година, на платформата за електронски семинари на проектот НИ4ОС-Европа[1] се одржа првиот состанок на националната иницијатива за отворена наука во облакот на РС Македонија NOSCI.mk[2].

Од над 70 регистрирани, на состанокот беа присутни повеќе од 50 учесници, во најголем дел истражувачи од различни универзитети и истражувачки институции.

На состанокот најпрвин беше претставен концептот на националните иницијативи за отворена наука во облакот (NOSCI).

Главната цел на NOSCI е промоција на синергии на чинители на национално ниво и оптимизација и артикулација на нивното учество во европските и глобалните предизвици на полето на отворената наука во облакот. Замислени се како коалиции на национални организации и поединци кои имаат значајна улога и интерес во Европскиот облак за отворена наука - European Open Science Cloud (EOSC)[3] и истите се очекува да играат важна улога во земјите членки и асоцијативните членки и активно да учествуваат во градењето на политиките во рамките на EOSC.

На состанокот беа презентирани искуствата за градење на NOSCI како еден од главните приоритети на НИ4ОС-Европа[4].

Во првиот дел на состанокот беа претставени основните елементи кон кои треба да се фокусираат националните иницијативи за отворена наука во облакот, како што се отворени публикации и податоци, отворени методи и алатки и отворени сервиси и инфраструктури[5].

Во вториот дел од состанокот се отвори активна дискусија со учесниците околу потребата за отворената наука како водечки принцип во науката денес. Се разговараше за развојот на декларацијата за отворена наука во облакот, иницијален документ во кој треба да се постават принципите на отворена наука, онака како што ги гледаат самите истражувачи.

Следните активности на иницијативата вклучуваат изработка на декларација за националната иницијатива за отворена наука, нејзино публикување и повик за прифаќање од сите заинтересирани поединци и институции, како и градење партнерство со МОН за придонес кон изработката на националната легислатива и вградување на принципите на отворената наука во неа.

Имајќи ја предвид отворената природа на иницијативата, сите заинтересирани за отворената наука и за градењето на политиките за нејзино соодветно валоризирање се добредојдени да се регистрираат на страницата на NOSCI.mk [6].

Врски:
1. НИ4ОС-Европа проект, https://ni4os.eu/
2. NOSCI.mk, https://nosci.mk/
3. European Open Science Cloud EOSC, https://digital-strategy.ec.europa.eu/en/policies/open-science-cloud
4. National OSC initiatives models, https://zenodo.org/record/4061801
5. Агенда и материјали на првиот состанок на иницијативата за отворена наука во облакот, https://www.nosci.mk/?p=265&lang=mk
6. Регистрација на заинтересирани членови на иницијативата за отворена наука во облакот, https://www.nosci.mk/?page_id=205&lang=mk