Интервју со Игор Трајановски, доктор на науки: „Прашањето за моралните вредности на Киро Глигоров не е носталгија, туку суштина“

Интервју со Игор Трајановски, доктор на науки: „Прашањето за моралните вредности на Киро Глигоров не е носталгија, туку суштина“

Д-р Игор Трајановски во својот докторат на Факултетот за општествени апликативни студии од Нова Горица, Словенија, го анализира Глигоров како „херој“ затоа што во време кога регионот се распаѓал и се војувало, тој постојано се држел до умереност, право и дипломатија и настојувал конфликтите да останат во рамките на институциите.

Кои морални вредности доминирале во Македонија во раните 90-ти години и како првиот претседател на државата, Киро Глигоров, ги артикулирал или преточил во политичка практика?


Моралните вредности ги третирам како составен дел од политичката култура што директно влијае врз тоа дали една држава може да помине криза без да се распадне. Во таа смисла, Крушевскиот манифест и АСНОМ не се само историски симболи, туку рани формулации на вредности што подоцна стануваат „мерка“ за легитимитет: идеја за слобода, граѓанска еднаквост, политичко достоинство и заеднички живот во различноста. Во раните 90-ти клучни вредности биле одговорност, воздржаност, почитување на правото и ориентација кон мир.
Кај претседателот Киро Глигоров тие не биле само реторика, туку стил на водење: инсистирање на процедура, избегнување радикална реторика и решавање спорови преку институции и преговори. Денес, честопати гледаме повеќе поларизација и недоверба, што компромисот го прави потежок, додека јавниот дијалог поостар. Затоа прашањето за моралните вредности не е носталгија, туку суштина: кога слабее културата на правилата и одговорноста, слабее и довербата во институциите.
Мојата политичка ангажираност во политичка партија претставува дополнителна персонална одговорност: да зборувам внимателно, да правам разлика меѓу аргумент и навивање и јавната дебата да ја третирам како простор каде што моралните вредности се проверуваат во практика. И токму затоа, анализата на Глигоров ми е важен пример за тоа како воздржаноста, правната логика и почитувањето на институциите можат да бидат реална политичка стратегија, а не само „убави зборови“.

Според теоријата на Пјотр Штомпка за „херој“ во време на општествени промени, на кои пресвртници го анализирате Глигоров како „херој“ во аналитичка смисла (не како мит)?

Во теоријата на Штомпка „херој“ не значи некој што е совршен или славен, туку човек кој во клучен момент успева да ја насочи промената така што ќе се избегнат најлошите сценарија. Во мојот докторат на Факултетот за општествени апликативни студии од Нова Горица, Словенија, Глигоров го анализирам како „херој“ во оваа смисла затоа што во време кога регионот се распаѓаше и се војуваше, тој постојано се држеше до умереност, право и дипломатија и настојуваше конфликтите да останат во рамките на институциите.
Клучни моменти се раната независност, борбата за меѓународно признавање, управувањето со надворешните спорови и одржувањето внатрешна стабилност во мултиетничко општество. „Херојството“ е во воздржаноста и во тоа што се спречува ескалација, а не во драматични потези. За да покажам дека тоа не било само „среќа“ или чист контекст, анализирам како конкретно дејствувал: кои одлуки ги носел, како комуницирал, како преговарал и какви институционални чекори поддржувал. Потоа, го споредувам тоа со други примери од регионот каде што лидерите, во слични услови, оделе кон радикализација и конфликт. Така аргументот е дека околностите биле тешки за сите, но начинот на водење политика направи разлика во исходот.



Кога ја гледате линијата од Привремената спогодба (1995) до Преспанскиот договор (2018), што кажува таа траекторија за тоа како државата преговара под притисок?

Траекторијата од Привремената спогодба до Преспанскиот договор покажува дека спорот за името беше геополитичко прашање што директно влијаеше врз безбедноста, дипломатијата и европската перспектива на државата. Привремената спогодба беше начин да се намали тензијата и да се отвори простор Македонија да функционира меѓународно, без можност во тој период темата да се затвори целосно. Важно е и правното значење: со Спогодбата се постигна договор според кој Грција не смееше да го блокира членството на Македонија во меѓународни организации (секако, додека се користеше договорената референција), што за мала држава во нестабилен регион беше клучен инструмент за „дипломатско преживување“. За жал, овој дел од договорот Грција не го почитуваше, потврдено од Меѓународниот суд на правдата (2011).
Договорот од Преспа е поинаков затоа што носи конечна формула и трајна промена, а тоа секогаш има поголема политичка цена и посилни негативни реакции во јавноста. Дел од граѓаните го гледаа како неопходен чекор за деблокада и меѓународна стабилизација, додека други го доживеаја како прекумерен компромис што отвора прашања за идентитет и достоинство. Токму оваа поделена перцепција го покажува јазот меѓу геополитичката логика на носителите на власта и начинот на кој јавноста го доживеа „државниот интерес“. Кога јавната легитимација е слаба или поделена, дури и договор што решава меѓународен проблем може да создаде долгорочни внатрешни тензии. Затоа политичката тежина не е само во текстот на договорот, туку и во тоа како тој се објаснува, како се гради консензус и како се одржува кохезијата во општеството.

Како информацијата од декласифицираниот ЦИА документ (за наводна понуда од 100 милиони долари) влијае врз вашата главна теза за „улогата на личноста“?

Оваа информација ја третирам внимателно и методолошки „ладно“. Разузнавачките извештаи се корисни затоа што покажуваат какви идеи, канали и притисоци циркулирале во меѓународната сфера, но сами по себе не се конечен доказ. Затоа ваква информација има најголема вредност кога е поткрепена со други извори: дипломатски записи, јавни изјави, мемоари и домашни документи од периодот.
За мојата теза за „улогата на личноста“, ова носи две важни поенти. Прво, покажува колку малите држави се изложени на надворешни калкулации: она што дома се сфаќа како идентитетско прашање, надвор често се претвора во преговарачка монета. Второ, ако одбивањето навистина се случило, тоа зборува за лидерство што има црвени линии и што легитимитетот го гради преку правила, правна логика и јавна доверба, а не преку „брзи решенија“ што би ја поткопале институционалната стабилност.
Во аналитичка смисла, токму ваквите моменти се најдобри за тестирање на моралните вредности на лидерот, кога мора да избере меѓу краткорочна корист и долгорочна државна стабилност. Дополнително, сосема логично се поставува прашањето како во 2018 година се стигна до решение како Преспа, ако уште во 90-тите веќе постоеле обиди спорот да се „помести“ преку економско влијание и финансиски стимули. Тоа отвора поширока истражувачка линија: дали со текот на времето се смениле само формите на притисок или се смениле и домашните политички пресметки, меѓународниот контекст и процената на државниот интерес.
Секако, ова го поставувам како аналитичко и реторичко прашање, без намера да обвинувам кого било. Би било несериозно од еден документ или од една информација да се извлекуваат заклучоци за вина, мотиви или ,,скриени договори“. Поентата е сосема друга: да се покаже дека спорот за името долго време бил предмет на различни форми на надворешно влијание и условување и да се разбере како се менувале контекстот, инструментите и домашниот политички простор во кој се носеле одлуките“.



Која е главната „лекција“ за денешна Македонија (и за мали држави под притисок) од твојата анализа?

Малите држави ретко ја градат својата позиција преку сила, а многу почесто преку силни институции и доверба дома и надвор. Во 90-тите години Македонија беше под силен надворешен притисок, а однатре чувствителна поради економската транзиција, меѓуетничките односи и новиот плурализам. Во вакви услови, задачата на лидерството е да спречи кризите да излезат од контрола и да ги држи конфликтите во рамките на институциите.
Од денешен аспект, ова е охрабрувачка порака: Македонија веќе има искуство дека може да помине низ тешки периоди кога политиката се држи до правила, компромис и институционална дисциплина. „Стабилноста“ се гради со конкретни потези: почитување на процедурите, умерена јавна комуникација и разумно користење на дипломатските вештини во меѓународни рамки за да се намали ризикот. Во практика, најсилен ефект има кога политичкото искуство се поткрепува со знаење и образование, кога одлуките не се водат од импулс, туку од разбирање на институциите, правото и поширокиот контекст. Токму поради мојот интерес за политика, свесно избрав тој ангажман да го поткрепам со академска работа во политичката теорија, за ставовите и заклучоците да се темелат на анализа, а не на впечаток.
Ова не го гледам само како историска лекција, туку и како личен стандард во мојот политички ангажман да се држам до правила, одговорност и конструктивен дијалог. Затоа поентата не е носталгија, туку практичен заклучок: кога се инвестира во институции и јавна доверба, државата станува посигурна и дома и на меѓународен план.


Фото: приватна архива