Како Холивуд го убеди целиот свет да купи „грд“ автомобил?
„Тојота“ објави дека продажбата на нејзините хибридни автомобили на американскиот пазар ја надмина границата од милион. Овој успех, секако, се должи на моделот „приус“, првиот масовно произведен хибриден автомобил во светот, кој беше лансиран во Јапонија во октомври 1997 година, додека на американскиот пазар дебитира во јули 2000 година.
Денес, „приус“ се смета за автомобил што ја промени автомобилската индустрија бидејќи неговиот успех ги принуди другите производители да дизајнираат хибридни модели и го отвори патот за денешната револуција во електромобилноста. Сепак, ништо од ова немаше да се случи без помошта на Холивуд.
Лансирањето на „приус“ во 1997 година беше тежок облог. Тоа беше автомобил кој, во очите на повеќето, беше недвосмислено грд. Но, што е поважно, тоа беше време кога бензинот беше евтин, кога големите џипови и теренци доминираа на градските улици, а пошироката јавност штотуку почнуваше да размислува за климатските промени.
Сепак, „Тојота“ го избра името „приус“, што на латински значи „прв“ или „пред“, верувајќи дека заштитата на животната средина ќе стане клучно прашање за планетата, но и за глобалната автомобилска индустрија. За креаторите на „приус“, ова беше автомобил пред своето време. Сепак, фактот што „приус“ стана „задолжителен“ за секој што сакаше да покаже еколошка свест се должи на Холивуд и Дебора Левин.
Левин беше извршна директорка на Здружението за еколошки медиуми (ЕМА), непрофитна организација која промовираше зелени иницијативи користејќи го влијанието на Холивуд, за промена на индустријата и навиките на потрошувачите. На Левин ѝ беше потребна нова звучна кампања, која ја пронајде во 2001 година кога го запозна Ед Ларок, кој беше задолжен за маркетинг на „приус“ во име на „Тојота“, на еден настан.
- Мислев дека овој автомобил има толку специфичен изглед, не личи на ништо друго. И не мора да правите ништо посебно за да имате корист од него, само плаќате за бензин половина од времето. И секој што ве гледа како го возите знае дека се грижите за животната средина. Му реков: Мислам дека можам да го натерам Холивуд да го засака овој автомобил - изјавил Левин за „Холивуд репортер“ години подоцна.
Ларок и Левин почнаа да организираат настани каде што познатите личности имаа можност да го возат „приус“. Приемот на автомобилот беше изненадувачки позитивен.
- Мојата мисија беше да го направам автомобилот толку „кул“ што ако не го купите, ќе испадне дека не ви е грижа за животната средина - рекла Левин.
И навистина, Леонардо ди Каприо и Мерил Стрип се меѓу првите што купија. Џулија Луис-Драјфус, Камерон Дијаз, Џорџ Клуни, Том Хенкс и Арнолд Шварценегер го следеа трендот. Левин ги охрабри овие ѕвезди да ги возат своите автомобили насекаде - на шопинг, на деловни состаноци, на снимање, па дури и на доделување награди. И се погрижи сите тие моменти да бидат снимени од папараците.
Така автомобилот стана „задолжителен“ во Холивуд, еден вид фетиш, што резултира со тоа што автосалоните имаа огромни листи на чекање за оние што сакаа да го купат. Помеѓу 2000 и февруари 2009 година „Тојота“ продала повеќе од 700.000 „приуси“ во САД, во време кога вкупната продажба на автомобилот на целата планета не надминуваше 1,2 милиони.
Извор: euronews.rs
Фото: Instagram screenshot