Ниту една плажа во светот нема забрана за пластика: Што преземаат земјите по ова прашање

Ниту една плажа во светот нема забрана за пластика: Што преземаат земјите по ова прашање

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Плажите без пластика не се важни само за зачувување на морските екосистеми, туку се неопходни и за одржување на глобалниот туризам. Земјите во светот конечно почнуваат да преземаат конкретни мерки. Тоа е делумно одговор на барањата на туристите кои се грижат за животната средина. Со оглед на тоа што туризмот претставува важен дел од економијата на многу земји, чистењето и спречувањето да се фрлаат отпадоци на бреговите станува приоритет.

На пример, Канада, која ја има најдолгата крајбрежна линија во светот, ја започна Повелбата за океанска пластика за време на нејзиното претседателствување со Г7 во 2018 година. Повелбата подоцна беше усвоена од Обединетото Кралство и Европската Унија. Потпишувањето на оваа повелба покажува посветеност на конкретни и амбициозни активности за решавање на проблемот. На пример, гарантирањето дека пластиката е наменета за повторна употреба и рециклирање.

Забрана за пластика за еднократна употреба

Иако ниедна плажа во светот не ја забранува целосно употребата на пластика, законите веќе се воведени и покажуваат одреден ефект. Шведска ја предводи борбата против загадувањето со пластика на океаните. Повеќе од 95 проценти од пластичниот отпад се рециклира или се претвора во енергија во постројки за претворање отпад во енергија. Шведска спроведува строги забрани за пластика за еднократна употреба и е на чело на иновациите со биоразградливи материјали и практики на циркуларна економија.

Директивата на ЕУ за пластика за еднократна употреба, која стапи во сила во 2021 година, ја забранува продажбата на 10. најчести пластични производи што се наоѓаат на европските плажи. Тие се: пластичен прибор за јадење, чинии, сламки, стапчиња за уши, стапчиња за балони и полистиренски садови за храна и пијалаци. Иако микропластиката останува предизвик, видливиот отпад е намален. Европските крајбрежни области во Кипар, Бугарија, Хрватска, Грција, Турција и Шпанија покажаа намалување на нивото на загадување со пластика благодарение на Директивата, но и на подигнувањето на јавната свест и ефикасното третирање на отпадните води. Барбадос ја забрани пластиката за еднократна употреба за да ги заштити коралните гребени, кои се од витално значење за нивната туристичка економија.

Иницијативи за заштита на морето

Според најновите податоци од Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO), Турција била четвртата најпопуларна европска дестинација во 2024 година. Затоа не е изненадување што земјата презема значајни чекори кон создавање почисти плажи без пластика, преку национални иницијативи и локални проекти.

Иницијативата „Дали сте свесни за синилото“, лансирана за време на Неделата на климатските промени во Њујорк 2025 година, се надградува на пошироката посветеност на Турција за брегови без пластика. Овој потфат е поддржан од Фондацијата „Нула отпад“, основана во 2023 година за проширување и одржување на националниот проект „Нула отпад“. Заедно, овие иницијативи помогнаа да се отстранат приближно 245.000 тони морски отпад во текот на изминатите пет години.

Брегови и вода без пластика

Турција, исто така, воведе регулативи за намалување на пластиката за еднократна употреба и го охрабрува учеството на приватниот сектор, кампањите за чистење и истражувањата за загадувањето на морските површини со пластика, како дел од своите обврски од Г20. Овие напори го одразуваат зголемениот национален фокус на одржлив туризам и зачувување на морскиот екосистем.

Велика Британија, исто така, усвои пристап базиран на локалните заедници преку иницијативата „Заедници без пластика“, која ја намалува пластиката за еднократна употреба на плажите, со вклучување на речиси 30 милиони луѓе.

Кои се најчистите европски плажи?

Плажите со најмалку пластика во Велика Британија се идентификувани преку официјално следење на квалитетот на водата од страна на Агенцијата за животна средина и се признати со награди како што се „Сино знаме“ и „Морски брег“. Плажите во Девон и Корнвол постојано се рангираат меѓу најчистите. Во исто време, повеќе од 98 проценти од 155 следени локации ги исполнуваат високите стандарди за квалитет на водата. Песочните брегови во Дорсет добиваат статус на „Сино знаме“ секоја година откако е воведена наградата, додека „Тајнмут Лонгсендс“ во Северен Тајнсајд е признат 30 години по ред. Други плажи кои се рангираат високо се плажата Вејмут, плажата Ексмут и заливот Кројд.

Надвор од Велика Британија, лагуната Олудениз во Турција е популарна по своите кристално чисти води и строга заштита на животната средина. Плажите Патара и Изтузу на југозападниот брег се заштитени подрачја како места за гнездење на желките. Тие се карактеризираат со долги песочни брегови. Патара е интересна за посета и поради добро сочуваните остатоци од хеленистичкиот и римскиот период.

Извор: forbes.n1info.rs

Фото: Freepik