Кинески ВИ-систем реши математички проблем што беше отворен 10 години
Од Кина пристигнува вест за уште еден пробив на вештачката интелигенција во областа на математиката. Тамошниот научен тим, предводен од експерти од Универзитетот во Пекинг, објави труд во кој го опишува успешното решавање на отворен математички проблем исклучиво со помош на систем на вештачка интелигенција.
Станува збор за проблем од областа на комутативната алгебра кој во 2014 година го постави сега веќе покојниот професор Ден Андерсон од Универзитетот во Ајова. Според истражувачите, моделот на вештачка интелигенција ја извршил задачата целосно автономно, премостувајќи го јазот помеѓу логичкото заклучување на природен јазик и формалната машинска верификација.
До доказот стигнал за 80 часа
Системот користел рамка која симулира соработка на експерти. Додека еден дел од системот на вештачка интелигенција ја анализира опсежната математичка литература користејќи природен јазик, другиот дел ги преведува тие заклучоци во машински проверлив код, со што се осигурува точноста на изведените докази.
Целокупниот процес, кој вообичаено би барал повеќемесечна соработка на експерти од различни области, ВИ-системот го завршил за приближно 80 часа. Во тоа време вештачката интелигенција го синтетизирала доказот и го формализирала во приближно 19.000 линии код во рамките на програмскиот јазик Лин 4. Авторите на студијата истакнуваат дека процесот течел без речиси никаква интервенција од луѓе, што претставува преседан во автоматизацијата на научните истражувања.
Иднината на математичките истражувања
Резултатите беа
објавени на 4 април, а трудот чека стручна рецензија. Истражувачите нагласуваат дека овој потфат служи како конкретен пример за тоа како креативните и апстрактните делови од математичката работа, кои го сочинуваат темелот на криптографијата и теоретската физика, можат успешно да се автоматизираат. Тимот под водство на професорот Донг Бин смета дека овој успех ја отвора вратата за нова ера во која вештачката интелигенција ќе стане главна алатка во решавањето на најкомплексните теоретски проблеми.
Иако доказот е формално верификуван преку ВИ-системот, научната заедница преку (човечки) процес на рецензија ќе го даде конечниот суд за значењето на ова постигнување. Засега, овој случај останува забележан како еден од позначајните чекори во примената на ВИ технологијата во сферата на чистата математика и алгебарската геометрија, надоврзувајќи се на остварувањата кои математичарите неодамна ги постигнаа со користење на моделот на „Чет-ГПТ“.
Фото: