Ќе се почувствува и во Европа: „Супер Ел Нињо“ ќе влијае врз топењето на арктичкиот морски мраз

Ќе се почувствува и во Европа: „Супер Ел Нињо“ ќе влијае врз топењето на арктичкиот морски мраз

На Арктикот е забележан значителен недостиг на морски мраз. Според последните податоци, кон средината на април е достигнат вториот најнизок опсег на мраз во историјата на мерењата, а се очекува дека развојот на „Супер Ел Нињо“ дополнително ќе влијае врз сè, наведува „Сивир ведер Јуроп“. 

Морскиот мраз на Арктикот има свој сезонски циклус – сезоната на топење обично започнува на крајот од март и трае до септември, кога го достигнува својот годишен минимум, пред повторно да почне да замрзнува во октомври. Оваа година се бележи голема разлика во споредба со минатата година и со изминатите децении. Покрај тоа, волуменот на морскиот мраз е помал отколку минатата година и се очекува да достигне значително понизок врв отколку во последните неколку години.

„Супер Ел Нињо“ и глобалното време


За сето тоа би можел да придонесе феноменот „Ел Нињо“, за кој се верува дека би можел да прерасне во „Супер Ел Нињо“. Имено, на временскиот систем влијае ЕНСО (ENSO – El Niño Southern Oscillation). Тоа е подрачје на екваторијалниот Тихи Океан кое се менува помеѓу топли и ладни фази. Обично доаѓа до промена на фазата во период од околу една до три години. Океанските аномалии немаат само влијание врз глобалното време, туку можат да укажат и на промени во глобалниот временски систем. Ладната ЕНСО фаза се нарекува „Ла Ниња“, а топлата фаза „Ел Нињо“. Секоја од нив има различно влијание врз притисокот и времето. ЕНСО преминува помеѓу фазите под влијание на тропските ветрови. Тие се стабилни и постојани, а обично придвижуваат или запираат одредена фаза. „Супер Ел Нињо“ се разликува од нормалниот бидејќи загревањето во Тихиот Океан станува поинтензивно, што резултира со уште посилно влијание врз глобалното време. „Ел Нињо“ се појавува на секои неколку години, но „Супер Ел Нињо“ еднаш во деценијата или поретко.


Фото: скиншот/јутјуб

Влијанието ќе се почувствува врз арктичкиот морски мраз. Врвот на сезоната на топење на мразот е во септември и тогаш се достигнува најнискиот опсег. За време на претходните „Супер Ел Нињо“ феномени, потопол воздух пристигнуваше во западните и централните делови на Арктикот. Истовремено, на источната страна на Арктикот се бележеше постуден проток. Според актуелните прогнози, се очекува натпросечна сезона на топење на поголемиот дел од Арктикот. Тоа е изразено во надворешните подрачја кои во последните неколку години главно доживуваа целосно топење.

Влијание врз зимата во Европа


Понискиот опсег на арктичкиот мраз влијае врз зимското време над Соединетите Американски Држави, Канада и Европа. Имено, како еден од клучните елементи на таа врска, „Сивир ведер Јуроп“ го наведува стратосферскиот поларен вител. Поларен вител е назив за зимската циркулација над северната полутопка. Се дели на горен (стратосферски) и долен (тропосферски) дел. Поларниот вител минува низ двата слоја, но со различна сила, облик и влијанија. Силниот поларен вител може да го задржи постудениот воздух во поларните региони, спречувајќи го неговото движење. Тоа обично создава поблаги услови за поголемиот дел од САД, Европа и другите подрачја на средната географска ширина. Слаб поларен вител, од друга страна, носи студено време. Самото нарушување настанува поради пораст на притисокот и температурата во стратосферата, односно стратосферско загревање.

Со анализа на притисокот за време на зимите со „Супер Ел Нињо“ утврдено е дека поларниот вител е послаб, што е едно од нарушувањата кои можат да влијаат врз времето пониско во атмосферата. Годините со најнизок опсег на мраз се поврзуваат со потопла стратосфера, со што се зголемува веројатноста за стратосферско загревање и нарушување на поларниот вител. Односно, нискиот опсег на морски мраз во комбинација со „Ел Нињо“ може да предизвика реакција на поларниот вител – правејќи го послаб, што може да резултира со постудена зима во Канада, Соединетите Американски Држави и Европа.

Извор: vecernji.hr
Фото: freepik