Кревети на кат за економска класа во новите авиони на „Ер Њу Зеланд“
Креветите на кат наречени „Економи скајнест“ на „Ер Њу Зеланд“ ќе почнат да се користат во авионите „боинг 787-9 дримлајнер“ на летовите од Њујорк до Нов Зеланд од ноември.
Патниците во економска класа наскоро ќе можат да платат за да легнат и да се истегнат неколку часа во кревети на кат во најновите авиони на „Ер Њу Зеланд“.
Авиокомпанијата ќе понуди капсули за спиење, а резервациите започнуваат на 18 мај за одбрани летови што стартуваат во ноември.
Во шесте индивидуални простори, распоредени како кревети на кат, има душек со постелнина, завеса за приватност, безбедносен појас, светло за читање, приклучоци за полнење и сет со неопходни работи.
Помеѓу секоја сесија кабинскиот екипаж ќе ги менува перниците, чаршафите и ќебињата.
По шест вакви кревети ќе бидат инсталирани во секој од новите авиони „боинг 787-9“ што ќе летаат од Њујорк до Нов Зеланд.
Овие капсули ќе им овозможат на патниците да се истегнат, да легнат и да добијат неколку часа вистински одмор во воздух, изјави главниот извршен директор на „Ејр Њу Зеланд“, Нихил Равишанкар.
Исто така, „Ер Њу Зеланд“ нуди и т.н. „Скај коуч“, каде што потпирачите за нозе се подигнуваат и три седишта се претвораат во рамна површина за истегнување на патниците од економска класа. „Јунајтед ерлајнс“ годинава најави сопствена верзија на три седишта што се трансформираат во лежалка, што предизвика мешани реакции.
„Ер Њу Зеланд“ првпат го тестира концептот со кревети во авион во септември 2024 година, а сега ќе го прошири и на новите „дримлајнери“.
Почетната примена ќе биде на 17-часовниот лет помеѓу аеродромот „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк и Окленд, Нов Зеланд, кој спаѓа меѓу најдолгите летови во светот.
Патниците ќе можат да резервираат кревет за четири часа, по цена од 495 долари по сесија.
Извор:
CNN
Фото:
Instagram