Кугларскиот арслан од битолскиот Баир се пласира во финалето на Светскиот куп во куглање

Кугларскиот арслан од битолскиот Баир се пласира во финалето на Светскиот куп во куглање

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Најтешката работа е како да се зачува концентрацијата во текот на натпреварувањето. Секој удар бара максимална концентрација, а има и до 120 удари во еден натпревар. Не е лесно со кугла од 2,8 кг во полн трк да се контролира секое движење на телото. Тоа бара голема психичка стабилност, вели Арслановски

Архан Арслановски, куглар од Битола и ученик во СОУ „Таки Даскало“, за чија посветеност кон куглањето Факултети.мк пишуваше пред шест месеци, обезбеди пласман во финалето на Светскиот куп во куглање на младинци што се одржува во Естонија. Кугларската федерација на Македонија соопшти дека
Архан со исклучителна игра успеа да влезе во најдобрите осум машки играчи на Светскиот куп со резултат 578 (205) пласирајќи се на седмо место. Со тоа се пласира во финалето, каде што ќе се бори за медал.


Во Естонија, тој и битолчанката Стефанија Алексовска се предводени од селекторот на Македонската младинска кугларска репрезентација, Игор Михајловски.
Инаку, тренира во Кугларскиот клуб „Пелистер“, а живее во битолски Баир, населба со претежно ромско население, каде што исто така има успешни млади спортисти за кои ретко се пишува.

Архан за Факултети.мк раскажа дека неговата љубов кон куглањето започна пред две години кога со другарите од својот клас ја посетија кугларницата во Битола и добија можност бесплатно да куглаат три месеци. Оттогаш кугларницата му е втор дом на 17-годишниот битолчанец. Тој е еден од талентите што беа откриени преку проектот „Кугламе и сме среќни“, кога 600 ученици од деветтите одделенија од основните училишта во Битола имаа можност бесплатно да куглаат под менторство на искусни куглари.



Арслановски лани беше државен првак на Македонија, поединечно, во категорија до 18 години, трет на државно првенство до 23 години, државен првак во спринт до 23 години и дел од кугларскиот клуб „Пелистер“ кој во државно екипно првенство освои второ место во Македонската кугларска лига 2018/2019 и трето место 2019/2020 година. Неговиот личен рекорд изнесува 528 кегли, резултат кој го постигна на државното првенство што се одржа во битолската кугларница.

- Најтешката работа е како да се зачува концентрацијата во текот на еден час натпреварување, бидејќи секој удар бара максимална концентрација, а има и до 120 удари во еден натпревар. Воопшто не е лесно со кугла од 2,8 кг во полн трк да се контролира секое движење на телото. Тоа бара голема психичка стабилност – вели Арслановски.

Лани сонуваше да учествува на европско или светско првенство, а годинава му се исполни сонот.

Фото: Кугларска федерација на Македонија