Неверојатна вулканска молња фатена на фотографија при ерупцијата на вулканот Фуего

Неверојатна вулканска молња фатена на фотографија при ерупцијата на вулканот Фуего

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Набљудувачите што ја следеа ерупцијата на вулканот Фуего во Гватемала добија неочекувано блескаво шоу кога се појави молња која удри во активниот вулкан. Видеата од овој природен феномен ги преплавија социјалните мрежи.

Познато е дека секој вулкан што еруптира има потенцијал да произведе своја молња благодарение на принципите на физиката.

Кога вулканите еруптираат, тие исфрлаат гасови, лава, камења и пепел во воздухот. Честичките од пепел се судираат едни со други и генерираат статички електрицитет, што може да произведе молња.

 
Вулканите што произведуваат молњи понекогаш се нарекуваат „валкани грмотевици“.

- Молњата е навистина честа појава во вулканските облаци. Најинтензивните молњи на Земјата се случуваат во вулканските облаци - вели Мајк Поланд, научник од опсерваторијата за вулканот Јелоустоун.

Вулканот Фуего се наоѓа на околу 50 километри југозападно од Гватемала Сити. Станува збор за активен стратовулкан кој енергично еруптира од 2002 година, според глобалната програма за вулканизам на Националниот музеј за природна историја на Смитсонијан.

Извор: Smithsonianmag.com
Фото: Instagram