Плачењето е природен чувар на менталното здравје

Плачењето е природен чувар на менталното здравје

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако е општо прифатено дека солзите треба да се задржуваат, науката го покажува токму спротивното - плачењето носи многу психолошки придобивки, го олеснува емоционалниот товар, го намалува стресот и ја зајакнува емоционалната отпорност.

Само човекот плаче од емоции


Научниците досега немаат откриено ниту едно друго живо суштество што плаче поради емоции. Иако некои животни испуштаат солзи, тие имаат исклучиво физиолошка функција, да ја навлажнуваат и ја штитат очната површина. Кај човекот, солзите често имаат длабока емотивна причина. Па, зошто плачеме? Дали е тоа некаква еволутивна грешка или, пак, има важна улога за нашето ментално здравје?

Најновите научни сознанија покажуваат дека емоционалното плачење не само што има физички функции (навлажнување на очите, уништување бактерии), туку е и важен психолошки механизам за зачувување на внатрешната рамнотежа.

Солзите го намалуваат стресот


Истражувањата покажуваат дека преку солзите се излачува кортизолот, кој е хормон на стресот. Освен тоа, самиот чин на плачење ја намалува неговата продукција во телото, што резултира со чувство на олеснување и психички мир.

Хормони на среќа

Плачењето го поттикнува лачењето на окситоцин и ендорфини, хормони кои го подобруваат расположението. Окситоцинот создава чувство на смиреност и поврзаност со другите, додека ендорфините ја зголемуваат самодовербата и ја ублажуваат анксиозноста.

Емоционално и физичко олеснување

Понекогаш, интензивното емоционално плачење поттикнува лачење на природни опиоиди во телото, кои ја намалуваат не само физичката, туку и психичката болка. Ова е особено важно во ситуации на силна емоционална болка.

Плачењето е повик за емпатија

Солзите често се појасни од зборовите. Кога не можеме да изразиме што ни треба, плачењето е сигнал до околината дека ни е потребна поддршка. Луѓето по природа се друштвени суштества, а чувството дека не сме сами е клучно за менталната стабилност.

Го „лади“ мозокот

Интензивното плачење го зголемува протокот на крв и внесот на кислород во телото бидејќи дишењето станува подлабоко. Ова ја намалува температурата на мозокот и придонесува за чувство на олеснување.

Помага полесно да заспиеме

Парасимпатичкиот нервен систем, кој се активира при плачење, помага телото да се врати во рамнотежа по стресна состојба. Покрај тоа, телото се изморува, па често по плачење чувствуваме поспаност. А квалитетниот сон е основа за ментално здравје бидејќи го намалува ризикот од анксиозност и депресија.

Не помага секогаш при депресија


Иако плачењето генерално е здраво, кај лица со депресија не секогаш носи олеснување. Тие може почесто да плачат, но ретко да почувствуваат подобрување. Кај оние со анхедонија (неспособност да чувствуваат задоволство), често недостига и самото плачење, што значи дека губат важен механизам за самопомош.

Извор: Atvbl.rs
Фото: