Весна Бачева (26) го истражува светот на нанотехнологијата. Како докторанд на ИБМ, во Израел работи на брз тест за Ковид-19

Весна Бачева (26) го истражува светот на нанотехнологијата. Како докторанд на ИБМ, во Израел работи на брз тест за Ковид-19

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Мојата приказна е добар пример за тоа колку е важно основното образование за иднината на едно дете, вели Бачева

Има само 26 години, а веќе два меѓународни патента. Стипендистка е на светскиот гигант ИБМ (International Business Machines Corporation - IBM), кој ѝ понудил докторски студии на Израелскиот научен институт „Технион“. Дел е од тимот кој моментално работи напорно на адаптација на нивниот метод за детекција на Ковид-19.


Светот на Весна Бачева од Струмица е свет кој не може да се види со голо око. Предметите во овој свет се 1.000 пати помали од дебелината на едно влакно. Тоа е светот на нанотехнологијата. Скромна, љубезна и на возраст која се коси со нејзините научни достигнувања, Весна Бачева деновиве ги минува во живописната Хаифа. Ова е нејзината приказна.

- Мојата приказна е добар пример за тоа колку е важно основното образование за иднината на едно дете. Кога бев 4. одделение, мојата учителка Невенка Дончевска го препозна мојот талент за математика и ме спреми за регионален натпревар, каде што ја освоив првата награда. Ова беше почетокот на многуте натпревари на кои учествував до крајот на средното образование. Нејзината доверба во мене ми помогна да го согледам мојот талент и ме мотивира да работам на тоа. По математиката се запознав со физиката и уште тогаш знаев дека сакам да работам во тоа поле - раскажува Бачева.

Со тимот на EPFL на меѓународниот натпревар за биосензори SensUs во Холандија (трета од лево)

Многу рано сфатила дека нашето образование не е спремно за тоа што го бара. Најлогичното решение било да замине во странство. Се запишала на додипломски студии на одделот за микротехника на светски познатиот факултет Ecole polytechnique fédérale de Lausanne (EPFL) во Лозана, Швајцарија.

- EPFL е врвен универзитет кој нудеше стипендии и имаше оддел за микротехника, која е нова област што комбинира математика, физика и инженерство, точно тоа што го сакав. Уште од втората година мојот професор по математика ми понуди да бидам асистент по неговиот предмет, а во следните години од моите студии бев асистент и по пет други предмети во областа на математика и физика. Благодарение на мојот висок просек, се здобив и со стипендија која ја доделува факултетот и која покриваше голем дел од трошоците - раскажува Весна.

„Ако не е тешко и предизвикувачко, не сте на правиот пат“

Вели дека нејзината љубов кон науката доаѓа од тоа што целта на науката е да ги реши проблемите на човештвото и да го подобри нашиот секојдневен живот. Еден од најголемите проблеми со кои се соочува секој човек се болестите.
- Затоа имам голема почит кон лекарите кои несебично го посветуваат својот живот за да ги излекуваат своите пациенти. Но, пред да почне процесот на лекување, најпрво треба да ја детектираме болеста. За тоа треба да дизајнираме машини кои можат да детектираат најразлични молекули и честички кои нашето тело ги произведува како резултат од болеста. Тие молекули и честички се многу мали, па затоа мора да дизајнираме мали машини, или научно кажано микро и наносистеми. И тоа е една од главните причини поради кои се одлучив за тој оддел - вели Бачева.

Предизвиците во нејзиниот професионален живот ја мотивираат да работи напорно. Често вели: „Ако не е тешко и предизвикувачко, тогаш не сте на правиот пат“. Но во сето патешествие најголем предизвик ѝ се далечината и одвојувањето од семејството.

- Тие се извор на целата моја енергија. Моето семејство е причината за тоа што сум јас денес - вели Весна.


На доделувањето на магистерските дипломи

Додипломските студии ги завршила во 2016 година и продолжила на магистерски студии на истиот факултет во областа на микро и наносистеми. Во 2017 година била дел од првиот тим на EPFL кој учествувал на меѓународниот натпревар за биосензори SensUs во Холандија. Тимот во кој била Бачева дизајнирал и произвел сензор за детекција на протеин во крвта кој е показател на кардиоваскуларни болести. За време на натпреварот таа го презентирала проектот пред светски познати компании и факултети. Така се здобила со огромно практично искуство кое ѝ помогнало во понатамошните студии.

Магистерскиот труд го работела во IBM Research во Цирих, која е една од 12. лаборатории на ИБМ во светот. Таму работела на нов метод за контролирање на молекули во микрочип. Нејзиното решение било патентирано и така се здобила со својот прв патент, а резултатите биле објавени во меѓународното научно списание PNAS, кое има висок фактор на влијание. За овој труд пишувало и списанието Physics World, кое промовира иновативни научни решенија.


Дизајнира работи 1.000 пати помали од влакно

На прашањето за колкави димензии зборуваме кога споменуваме микро и нано во однос на нештата во реална големина, Весна вели:

- Често кога зборувам за мојата работа со некој што не е од моето поле почнувам со ова: „Едно влакно од вашата коса е околу 100 микрони во дебелина. Мојата работа е да дизајнирам работи што се понекогаш и 1.000 пати помали од едно влакно“.
Во првиот патент дизајниравме чип во кој можеме да движиме молекули низ мали отвори, на пример, како едно влакно или помали, од едно место до друго. Во макросветот ова звучи многу лесно - ако сакате да го преместите телефонот, го земате со рака. Но, во микро и наносветот, мора да дизјанираме и контролираме сили кои се како виртуелни раце и ги движат молекулите без притоа да ги оштетат. Кога имате целосна контрола на молекулите, тогаш се отвораат многу можности во областа на аналитичка хемија, детекција на болести или студирање на интеракцијата меѓу тие молекули - објаснува таа.

Наградата за најдоброто предавање на млад научник

По магистрирањето во октомври 2018 година од ИБМ ѝ понудиле да продолжи на докторски студии во соработка со Израелскиот научен институт „Технион“. Ја прифатила понудата и во ноември се преселила во Хаифа, Израел, каде што ги почнала докторските студии.

- Тука сум веќе една и пол година, а наскоро ќе се вратам во ИБМ во Цирих да ги довршам студиите - вели таа.


Како се справува Израел со пандемијата

Неизоставен дел од приказната е секојдневието во Хаифа во време на светската пандемија. Израел деновиве е рангиран на врвот на земји во светот што одлично се справуваат со болеста. Како изгледа еден ден во Хаифа?

Според Бачева, Израел е една од државите што рано воспоставиле полициски час и дозволиле само есенцијални бизниси и професии да продолжат со работа. Нејзиниот факултет целосно се затворил и продолжил со онлајн-настава, но неколку од лабораториите што веќе работеле на детекција или лекување на вирусот (вклучувајќи ја и нејзината лабораторија) добиле посебни дозволи за работа.

- Така јас и уште еден мој колега имаме посебни дозволи кои ни овозможуваат слободно да се движиме низ градот и да доаѓаме на работа. Моментално многу бизниси почнуваат да работат под услов на носење маски во јавни места и дистанцирање. На пример, пред да одите во супермаркет, ви ја мерат температурата и доста често се чека ред за да влезете, бидејќи бројот на луѓе во затворен простор е ограничен. Позитивно сум изненадена од луѓето, кои се доста дисциплинирани и ги почитуваат законите. Мислам дека причината за тоа е што Израелците, пред сѐ, се семејни луѓе и не би ризикувале да им наштетат на своите блиски - објаснува таа.

Весна Бачева во лабораторија

Ковид-19 е причината што за неа на важи полицискиот час во Хаифа. Таа во моментот работи на еден од најголемите предизвици за човештвото денес – како да се детектира вирусот кој го покоси светот.

- Моментално работам на директна и брза детекција на вирусот од брис од грло. Идејата е да го ставиме брисот на еден од нашите чипови во кои можеме да движиме молекули, и да го одвоиме вирусот (доколку е присутен во пациентот) на посебно место од чипот каде што дизајниравме скенер кој го детектира вирусот. Доколку успееме, нашето решение би било идеално за детекција на вирусот на аеродроми или други места, каде што брзината на тестот е неопходна - објаснува Бачева.

Теории на заговор и чипирање на вакцините

Микро и нанотехнологијата деновиве е горлива тема меѓу луѓето во цел свет. Германците веќе протестираат против евентуалната вакцина за Ковид-19, стравувајќи од микрочипирање без нивно знаење и согласност. Теориите на заговор не го поштедија ниту светскиот милијардер и филантроп Бил Гејтс, чија фондација финансира истражувања за пронаоѓање вакцина против Ковид-19. Бачева објаснува дека теориите на заговори секогаш произлегуваат од недоволна или лоша информираност.

- За жал, ќе мора да живееме со Ковид-19 сѐ додека не добиеме вакцина, а тоа може да трае уште многу долго. А микрочипирање преку вакцини прво сѐ уште не е научно развиено, а второ, зошто би било? Доколку владата на секоја држава сака да ја следи својата популација, мобилните телефони се многу подобри во тоа - објаснува таа.

На доделувањето награди за најдобар млад научник, со студентите што освоиле второ и трето место

Импресивни се научните достигнувања на Бачева. Досега учествувала на четири меѓународни конференции каде што одржала предавања поврзани со нејзините истражувања. За време на конференцијата Microscale Separations and Bioanalysis (MSB) во Америка, во март 2019 година, била избрана за најдобар млад научник. Минатиот месец беше објавен и нејзиниот втор научен труд кој го почнала додека била на магистерски во ИБМ. Овој труд бил објавен во еден од најпрестижните весници во областа на хемијата и биохемијата (Angewandte Chemie) и бил избран како многу важен труд (Very Important Paper). Во овој проект измислиле нов метод за разделување на молекули и честички, кој би имал голема примена во биохемијата и медицината. Со овој проект се здобила и со вториот патент.


На прашањето што би им порачала на младите во Македонија кои имаат голема страст за наука, Весна вели:
- Научниците се создаваат многу рано во образовниот процес, па затоа на сите деца им посакувам да најдат нешто што ги предизвикува и мотивира зашто кога знаете каде сакате да одите, тогаш патот дотаму ќе ви биде јасен. И доколку работите напорно и со љубов, тогаш успехот е неизбежен.