Лани починале 25.775 лица, најмногу на годишно ниво во последните 25 години

Лани починале 25.775 лица, најмногу на годишно ниво во последните 25 години

Бројот на починати лица во Македонија во 2020 година се зголемил за 26% во споредба со претходната година и изнесува 25.775 умрени лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Ова е најголем број на починати во последните 25 години.

Поголем број од починатите се од машки пол, и тоа 13.914 или 54% од вкупно умрените лица. Бројот на умрените доенчиња изнесува 108 и нивното учество во вкупниот број на умрените лица изнесува 0,4% на 100 умрени лица.

Фото: ДЗС (printscreen)

Според месецот на смртта, најголем број случаи се во ноември (3.847). Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 71,6 година, односно 75,3 години кај лицата од женски пол или за 3,7 години повисока просечна возраст се бележи кај жените.

Фото: ДЗС (printscreen)

Од ДЗС истакнуваат дека трите главни болести поради кои починале најмногу лица се болестите на циркулаторниот систем, неоплазмите и на третото место е ковид-19.

- Како и во минатите години, најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем, според МКБ-10 (шифра I00-I99), и тоа во 41,6 % случаи од вкупно умрените, неоплазмите (шифра C00-D48) со 15,2 %, потоа следуваат умрените лица како последица од пандемијата на ковид-19 (шифра U07) со 10,9 %, со 5,8 % се застапени случаите кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем (шифра Ј00-Ј99), додека умрените кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести (шифра Е00-Е90) се застапени со 5,3 % од вкупно умрените, а со 3,7 % се умрените лица кај кои причина за смрт се болестите на нервниот систем и следуваат преостанатите, но со помала застапеност - стои во соопштението.

Во продолжение можете да ги видите статистиките по градови.

Фото: ДЗС (printscreen)

Насловна фотографија: Unsplash