Нема свидетелства во училиштата, можно е да се делат во август

Нема свидетелства во училиштата, можно е да се делат во август

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во СОНК има реакции за тоа дека има сериозни проблеми со недостиг на свидетелства. Тоа, според нашите информации, се должи или на нереализиран тендер за набавка на свидетелства или, пак, тендерот е доцна распишан. Непринципиелно е поради некои процедури, свидетелствата да не се издадат навреме. Ова е голем минус за службите, вели првиот синдикалец, Јаким Неделков


Учебната година заврши, а во основните училишта и во средните има недостиг на свидетелства, реагираат наставници. Како што дознаваме, училиштата добиле свидетелства за учениците во деветто одделение и во четврта година средно зашто им се потребни за упис во средно училиште и на факултет, но нема свидетелства за учениците во преостанатите одделенија и класови и неизвесно е до кога ќе нема. Нема ниту одговор од надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) на прашањето што е причината за постоењето на овој проблем, кој лани го немаше.

- Кај нас, во СОНК, има реакции за тоа дека има сериозни проблеми со недостиг на свидетелства. Тоа, според нашите информации, се должи или на нереализиран тендер за набавка на свидетелства или, пак, тендерот е доцна распишан. Непринципиелно е поради некои процедури, свидетелствата да не се издадат навреме. Ова е голем минус за службите - вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Наставнички од неколку училишта во Скопје, но и од Неготино, Кавадарци и Пробиштип, со кои поразговаравме, потврдуваат дека ги немаат потребните свидетелства за да можат да ги пополнат и да им ги поделат на учениците. Некои од нив велат дека директорите ги задолжиле да завршат со сите административни обврски до 30 јуни, што, според нив, е апсурд бидејќи тоа што нема свидетелства не зависи од нив.

- Минатата година ситуацијата беше уште пострашна со пандемијата, па имавме свидетелства. Немаше вакво доцнење. И тоа тогаш беа испечатени нови свидетелства, со променето име на државата, националност. Јас оценувам описно бидејќи моите ученици се второ одделение. Сите податоци ги имам во електронска форма, треба само да имам свидетелства за да можам да ги испечатам. Инаку, пред да ги дадеме свидетелствата, задолжително мора да направиме споредба на податоците впишани во електронскиот дневник и во пишаниот. Мора да ги следиме матичната книга, свидетелството и дневникот. Мора сè да биде точно бидејќи ако некаде има пропуст, тогаш свидетелството ќе биде неважечко. Сите податоци за секој ученик ги имам напишано во електронска верзија, имаме деловодни броеви, само бланко-документот свидетелство ни фали за да го испечатиме - вели наставничка од Неготино.

Неофицијално, можно е децата да ги земат свидетелствата и во август.

Во меѓувреме, одговорните во Сојузот на средношколци неодамна реагираа дека добивале поплаки од ученици од повеќе градови зашто нивните средни училишта им наплаќаат такси за издавањето на свидетелствата.

- Сојузот извести за истиов проблем и минатата година. Дел од училиштата за кои објавивме дека наплаќале свидетелства престанале со оваа практика, но во некои училишта продолжува. Ова само покажува дека властите не ги презеле потребните чекори за да се искорени овој проблем. Имено, Сојузот на своите страници на социјалните медиуми беше информиран за истово од средношколци, а информациите беа потврдени и од нашата мрежа на активисти во тие градови. Ова е скандалозно и проблематично поради повеќе причини. Барањето пари од учениците го загрозува јавниот и бесплатниот карактер на државното образование. Овие појави се спротивни на ставот 2, член 3 од Законот за средно образование, кој гласи: „Средното образование во јавните средни училишта е бесплатно“. Во Законот никаде не се споменуваат вакви такси. Главниот проблем е во тоа што земањето на свидетелството не е опционална одлука. Свидетелството е задолжителен документ и е доказ за успешно завршена учебна година. Учениците немаат избор - тие мора да платат доколку сакаат да ја завршат учебната година“, стои во реакцијата на Сојузот.