Симон Трпчески во Букурешт настапи во репрезентативен дрес

Симон Трпчески во Букурешт настапи во репрезентативен дрес

Најпознатиот македонски пијанист Симон Трпчески на невообичаен начин ја поддржа македонската фудбалска репрезентација. Имено, тој на синоќешното затворање на концертната сезона на Романскиот радиски камерен оркестар во Букурешт, Романија, ѝ посвети бис на фудбалската репрезентација и свиреше облечен во репрезентативен дрес.

- Прекрасно завршување на сезоната на Романскиот радиски камерен оркестар, со суптилна и живописна музика на Равел и извонредниот маестро Габриел Бебешелеа! Како поддршка за историскиот успех на македонската фудбалска репрезентација со квалификацијата на ЕУРО 2020 за првпат, мал знак за благодарност со бисот посветен на сите нив. Букурешт овие денови сигурно „гори“ од Македонија и Македонците, а и Романците се одлични домаќини! Forza Macedonia! Напред Македонија - напиша маестро Трпчески на својот профил на „Фејсбук“.

Фото: Facebook

Тој во објавата додаде и дека во публиката биле присутни амбасадорот на Македонија во Романија и претставници на Фудбалската федерација на Македонија.

- Специјална посвета со специјалниот бис: Македонија е мала земја, но историски многу богата! Јас сум многу среќен што можам да ја затворам концертната сезона на Романскиот радиски камерен оркестар заедно со маестро Габриел Бебешелеа!
Културата ја храни душата, но овие денови македонската нација е исполнета и со историскиот успех на нашата фудбалска репрезентација... овде во Романија (голем пријател на Македонија), каде што можеме да уживаме во талентот на нашите фудбалери. Во присуство на амбасадорот на Македонија во Романија и претставниците на Фудбалската федерација на Македонија, како и пријателите и љубителите на фудбалот кои истовремено се љубители и на музиката, задоволство ми е да го посветам овој бис од Франсис Пуленк - Омаж на Едит Пјаф, на нашиот фудбалски тим како поддршка за денешниот натпревар овде во Букурешт - стои во објавата.

На крајот, Трпчески посака играта на нашата фудбалска репрезентација да тече како убавината на музиката.

- Спортот и културата дефинитивно можат да одат заедно - заклучи пијанистот.


Насловна фотографија: Facebook