Се зацврстува Универзитетската летна пракса во духот на УКЛО КОЛОРС
Во партнерство со општините Битола и Прилеп, Центарот за алумни, кариера и доживотно учење на УКЛО реализира програма - Универзитетска летна пракса.
Програмата што се остварува во духот на зајакнување на соработката меѓу академската заедница и локалните самоуправи претставува модел на практична интеграција на студентите во реалниот сектор и ја потврдува заложбата на УКЛО за современ и применлив високообразовен процес. На овој план особено е успешен примерот за соработка на УКЛО со Општина Битола. Имено, со оваа локална самоуправа летната пракса се реализира веќе трета година по ред.
Според најновиот јавен повик за реализација на УЛП 2025, во одделенијата на локалната самоуправа и во јавните претпријатија на Општина Битола ќе се вклучат 44 студенти. Првпат оваа активност се проширува и со Општина Прилеп. Во оваа локална самоуправа осум студенти ќе имаат можност да учествуваат во едномесечен практикантски ангажман.
Пред стартот на УЛП 2025 за изразениот студентски интерес и учество во проектот, упатени се благодарности од градоначалниците на Битола и на Прилеп, д-р Тони Коњановски и д-р Борче Јовчески, кои по повод пригодата одржаа прием на студентите од УКЛО. УЛП ќе се реализира во текот на јули, август или септември. Секој студент ќе добие месечен нето-надоместок во висина од 10.000 денари, обезбеден од соодветната општина.
Од УКЛО се потенцира дека УЛП е уште една потврда за сериозниот пристап на локалните власти кон поддршката на младите и нивното активно вклучување во општествениот развој, особено препознавањето на млади стручни практиканти, студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Од УКЛО се потврдува важноста на УЛП, која воедно го зајакнува и европскиот профил на Универзитетот со остварување на носечките одредници на КОЛОРС Алијансата поврзани со вмрежување, применливо образование и пошироки перспективи. Позитивните одгласи од студентите на УКЛО, учесници во Летната пракса, се дека таа за нив е посебен предизвик бидејќи со секоја следна генерација практиканти се афирмираат: посветеноста за подготовка на професионални млади луѓе и европските вредности оживотворени на локално и регионално ниво.
(Комерцијална објава)