Секој вработен што ќе донесе нов работник добива 250 евра

Секој вработен што ќе донесе нов работник добива 250 евра

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Поради недостиг на работници, одредени компании во Словенија на своите вработени им даваат парични награди ако доведат или препорачаат нови работници. Така, во компанијата „Акраповиќ“, еден од најголемите светски производители за издувни системи за мотоцикли и спортски автомобили, на вработените им плаќаат по 250 евра за секој нов колега заварувач што ќе го препорачаат за вработување во компанијата.

Митја Ревен, портпарол на компанијата, истакнува дека поради недостиг на квалификуван персонал на пазарот на трудот, тие биле принудени да им се обратат на вработените за помош.

 - Ги стимулиравме своите вработени со 250 евра за секој нов заварувач што ќе го доведат во компанијата. Секој нов работник мораше да помине шест месеци на пробна работа, така што веќе сме при крај со одбирањето на новите работници. Со оваа кампања вработивме околу 80 лица - вели Ревен.

Новите работници се од земјите од регионот, а речиси половина, односно 35 се од Босна и Херцеговина. Сите добиваат помош при пронаоѓањето сместување, а работодавецот им плаќа и курс по словенечки јазик.

Босанските власти истакнуваат дека има голема побарувачка на работници од БиХ во Словенија.

- Во првите четири месеци од оваа година се издадени 4.307 работни дозволи за наши државјани во Словенија. Според бројот на огласи, најбарани се заварувачите, шоферите, ѕидарите и браварите. Моментално нашите работници во Словенија просечно работат за 4 до 6 евра за час, а бруто-платите се движат од 850 до 2.400 евра. Во просек, најголем број работници имаат бруто-плата од 1.200 евра - истакнува Борис Пупиќ, портпарол на Агенцијата за работа и вработување во БиХ.

Фото: Buka

Според податоците од оваа Агенција, од почетокот на реализацијата на договорот за вработување во Словенија од 2013 година, па до крајот на април оваа година за работа во Словенија се издадени 24.216 работни дозволи. Бројот се зголемува секоја година.

И од компанијата „Алфа дем“ од Целје потврдуваат дека е сѐ потешко да се дојде до работници во словенечките компании.

- Во нашата компанија немаме искуство со стимулација на вработените, но имаме информации дека тоа се случува кај другите - велат од оваа компанија.