Доротеа Камчевска, најдобар студент на Педагошкиот факултет при УКИМ со просек 9,90: „Задржувањето и поддршката на младите професионалци е инвестиција во иднината на целото општество“

Доротеа Камчевска, најдобар студент на Педагошкиот факултет при УКИМ со просек 9,90: „Задржувањето и поддршката на младите професионалци е инвестиција во иднината на целото општество“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Успехот и вложениот труд на најдобрите студенти треба да бидат препознаени и вреднувани не само преку признанија, туку и преку конкретни можности за професионален развој и вклучување во системот. Потребни се поголеми можности за младите и успешни кадри да го покажат својот потенцијал, вели Доротеа Камчевска, прогласена за еден од најдобрите дипломирани студенти во академската 2024/2025 година на УКИМ.

- Задржувањето и поддршката на квалитетните млади професионалци претставува инвестиција во иднината на целото општество, додава Доротеа.

Високите оценки не се цел, туку знаењето

Таа е најдобар студент на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, на студиската програма – Одделенска настава каде што за четири години го заврши факултетот со просек 9,90.



- За мене, високите оценки никогаш не беа единствена цел, туку показател дека знаењето е стекнато со разбирање и со желба за постојано надградување. Верувам дека успехот не доаѓа преку ноќ, туку е резултат на континуирана работа, одговорност и искрена посветеност. Сметам дека зад секој висок академски успех стојат, пред сè, љубовта кон професијата, дисциплината, истрајноста и добрата организација - вели Камчевска.

Во текот на семестарот редовно ги следела предавањата, водела белешки и постепено го совладувала материјалот. Во периодот пред испитните сесии посветувала повеќе време на повторување и систематизирање на знаењата.

Знаењето не се мери по број на часови поминати над книга пред испит

- Никогаш не го мерев учењето само според бројот на часови поминати над книга. Сметам дека континуираното учење и вистинското разбирање на материјата се многу поважни од учењето само со цел да се положи испит, додава таа.

За неа, најголем предизвик беше да се одржи истото ниво на посветеност во текот на сите четири години бидејќи секој нов успех носи поголема одговорност. 

Но, смета дека успехот не мора да значи откажување од студентскиот живот, дружењата и убавите моменти.

 - Напротив, факултетот ми донесе многу вредни пријателства и незаборавни искуства. Клучот беше во добрата организација и способноста да се најде баланс помеѓу академските обврски и личниот живот - вели таа.



Придонес кон правилно насочување на идните генерации

Ја водела желбата постојано да напредува и да стане квалитетен наставник кој ќе има позитивно влијание врз развојот на своите ученици.

- Педагошкиот факултет го избрав бидејќи уште од мала верував дека детството е најважниот период во развојот на секој човек. Начинот на кој ќе се поттикне љубопитноста, ќе се изградат вредностите и ќе се развие самодовербата кај детето има огромно влијание врз неговиот понатамошен живот. Токму можноста да бидам дел од тој процес и да придонесам во правилното насочување на идните генерации беше главната причина поради која го избрав овој професионален пат - вели Камчевска.

Потребно е поголемо вложување во образованието

Дипломирањето не е крај на учењето, туку почеток на едно постојано професионално и научно усовршување. Во иднина се гледа како искусен и компетентен образовен работник кој континуирано се надградува, ги следи современите педагошки достигнувања и активно придонесува за развојот и унапредувањето на образованието.

- Би сакала образованието да биде повеќе насочено кон развивање критичко размислување, креативност и функционални знаења, а помалку кон репродукција на факти. Исто така, неопходно е поголемо вложување во современи наставни средства, дигитализација на образованието, подобри услови во училиштата и континуирана поддршка на наставниците, затоа што квалитетното образование започнува со мотивиран и стручен наставен кадар - заклучува Камчевска.

Фото: приватна архива