Климатизација на просториите: да или не? (2 дел)

Климатизација на просториите: да или не? (2 дел)

Долго време, речиси до крајот на 20 век, климатизација на просториите не беше навистина потребна во поголемиот дел од европските земји поради умерената клима без многу жешки лета. Но со интензивирањето на климатските промени ситуацијата забележително се менува. Вакви топлински бранови со температури над 40 °C немало во минатото. Исто така, и температурите во ноќниот период се доста повисоки, така што со проветрување не може доволно да се оладат просториите за бидат со удобни услови за следниот ден.

Во многу земји на Западна Европа инсталирањето клима-уреди на фасадите е регулирано со прописи кои се многу рестриктивни и мора да се добие дозвола за нивно поставување. На пример, во Париз нема шанси да се стават клима-уреди на фасади на згради во заштитено урбано подрачје или ако имаат врска со културното и историско минато. Во некои градови има прописи за дозволена максимална бучава од клима-уреди, а овој проблем го истакнуваат сѐ повеќе граѓани во Скопје во делови со густа изграденост.
Во градовите во Република Македонија (РМ) гледаме индивидуални клима-уреди на фасадите на многу згради. За станбени згради можеби тоа е наједноставно решение, но има многу згради од државен, јавен и комерцијален карактер со такво решение кое треба (мора) да се спречи. Постојат решенија со централни системи за климатизација кои треба да се предвидат уште во фазата на проектирање на објектот. Во Скопје има и негативни примери каде што во минатото се инсталирани централни системи за климатизација, но поради несовесно одржување, некои од нив не се во функција, а наместо тоа, ставени се дополнително индивидуални клима-уреди што се гледаат на фасадите.

Со системите за климатизација се јавуваат и други придружни појави што мора да се земат предвид во периодите со повисоки надворешни температури. Во тие моменти тие работат со максимален капацитет, при што има и максимална потрошувачка на електрична енергија која го преоптоварува електроенергетскиот систем и може да предизвика пад (исклучување) на целиот систем. Ова е најнесаканата појава во функционирањето на сите активности на населението и индустријата. Значи, треба внимателно да се следи состојбата кога се појавуваат пикови во потрошувачката на електрична енергија и во летниот период.

Потребата од климатизација може значително да се намали или да ја нема ако зградата е направена да има голема енергетска ефикасност. За таа цел, во 2002 година ЕУ донесе Директива за енергетска карактеристика на зградите, а РМ направи сообразност на тој документ и во 2013 година донесе Правилник за енергетска карактеристика на зградите што може да се преземе преку интернет од Министерството за енергетика. Поентата во тој документ се однесува на добра топлинска изолација на ѕидовите и квалитетни прозорци, но и контрола на системите за греење и ладење. Од овластено стручно лице се издава сертификат за годишна потрошувачка на енергија за 1 m2 корисна површина во текот на една година, и од тоа се одредува енергетска класа на зградата (А+, А, В, ..., F).

Бројот на згради со А класа во Европа е релативно мал, но интензивно се работи на реновирање со цел до 2050 година (и порано) речиси сите згради да бидат со скоро нула (потребна) енергија. Во РМ состојбата е уште полоша, над 95 % од зградите не ги исполнуваат критериумите од Правилникот за енергетска карактеристика. Тоа значи дека во тие згради треба да се инсталираат системи (уреди) за климатизација.

Во голем број случаи има практика кај инвеститорите да ја направат зградата и потоа да преземаат мерки за инсталирање системи за греење и климатизација. Некои ставиле опрема за греење, а потоа размислуваат за ладење. Ова треба да се прекине. Најдобро е системите за греење, ладење и санитарна топла вода да се предвидат уште во фаза на проектирање на објектот. Се препорачува тоа да го прават фирми специјализирани за греење и ладење, а не да се купуваат клима-уреди во продавници за разни електрични апарати за домаќинствата (пегли, фенови, вентилатори и др.).

Потрошувачката на електрична енергија од клима-уредите треба да биде што помала, а тоа зависи, пред сѐ, од енергетската ефикасност на опремата. На пример, при купувањето клима-уреди пожелно е да се купат оние со висока енергетска класа (А+, ...), а тоа е напишано на натпис на самиот производ според правилник на РМ кој е базиран на сличен документ од ЕУ.

Во многу градови, а тоа го има и во Скопје, лошо планираната урбанизација со густо изградени згради уште повеќе ја зголемува жештината. Во одредени делови од градот се јавуваат т.н. топлински острови каде што температурата на воздухот е 3 до 7 °C повисока.

Не само кај домаќинствата, жешкото време неповолно влијае и врз неудобните услови на работните места во фирмите и институциите, така што тоа се одразува и врз рентабилноста и успешноста во нивната работа.

На крај, уште еднаш да истакнам дека главната причина за екстремните и чести топлински бранови се климатските промени. Бидејќи трендот на емисиите на СО2 продолжува да расте, условите за живот на луѓето стануваат неодржливи, а тоа се однесува и на опстанокот на целиот жив свет. Во такви услови потребата за климатизација на просториите станува сѐ поголема.

Многу информации за клима-уредите, за разните можни решенија, за принципот на работа, за опремата и друго може да се најдат во книгата „Енергија – Како да се заштеди“ во издание на Енергија доо.

Автор: д-р Ристо Цицонков*, редовен професор на Машински факултет – Скопје
*Авторот е почесен член на Меѓународниот институт за ладење (IIR) и член на ASHRAE од 2002 г.