Научници го снимале мозокот на луѓе додека скролале на мобилен, еве што откриле

Научници го снимале мозокот на луѓе додека скролале на мобилен, еве што откриле

Кратките видеа создаваат впечаток дека брзо и лесно сме научиле нешто. Но, ново истражување покажува дека тој впечаток е лажен. Луѓето што гледаат кратки видеа, како оние од „Тик-ток“ и други социјални мрежи, послабо ги паметат информациите од оние што гледаат подолги видеа со иста содржина.

Разликата се гледа и во мозокот

Особено е интересно тоа што разликата не се гледа само на тестот на знаење, туку и во мозокот. Во новиот труд објавен во списанието „Комуникејшнс сајколоџи“ научниците покажаа дека кратките видеа ја намалуваат синхронизацијата на активноста во деловите од мозокот кои се важни за вниманието, епизодното паметење и когнитивната контрола, додека истовремено предизвикуваат поголема синхронизација во областите поврзани со когнитивните процеси познати како „од долу нагоре“, односно со внимание водено од дразби.

Ова е важен наод бидејќи краткото видео веќе не е само забава. Тоа стана еден од главните начини на кои луѓето добиваат информации. Проблемот е во тоа што човечкиот мозок не е некаков вид контејнер во кој фактите можат тукутака да се уфрлат. Мозокот мора да ја регистрира информацијата, да ја задржи и да ја поврзе со старото знаење за таа да заврши во долгорочната меморија.

Ментална маса

Работната меморија можеме да ја замислиме како ментална маса. На неа го држиме она за што моментално размислуваме. Таа маса е мала. Ако на неа постојано паѓаат нови сцени, резови, звуци, натписи и промени на темата, постарите информации можат лесно да бидат истиснати пред мозокот да успее да ги зачува.

Научниците од Универзитетот „Јунан Нормал“ и Централнокинескиот универзитет во новата студија истражија на кој начин кратките информативни видеосодржини влијаат врз мозокот и паметењето, односно учењето. Како што пишуваат авторите, брзиот пораст на бројот на кратки видеа, особено форматите слични на социјалните мрежи кои се одликуваат со брзо префрлање и фрагментирана содржина, доведе до нивно сè почесто вклучување во образовните средини, но нивната ефикасност и понатаму е спорна.

Три експерименти со видеа

Научниците спроведоа три експерименти.

Во првиот, на 180 студенти им пуштија да гледаат десетминутно видео за патувања. Едната група гледаше континуиран, подолг документарен исечок. Другата ја гледаше истата информативна содржина разделена на низа пократки видеа, со вметнати неутрални кадри како снимки од пејзажи од воздух. Количеството на говор и бројот на факти беа усогласени, а учесниците не знаеја дека ќе бидат тестирани.

По гледањето, тие добија ненадеен тест на паметењето, а потоа уште еден тест следниот ден. Оние што гледаа кратки, испрекинати видеа паметеа послабо.

Во вториот експеримент, со нова група од 185 студенти, на учесниците однапред им беше кажано дека мора да гледаат внимателно бидејќи подоцна ќе бидат испрашани. Но, ниту тоа не ја отстрани целосно разликата во паметењето. Дури и кога луѓето свесно се труделе да учат, испрекинатиот формат довел до послабо паметење и поголемо заборавање во текот на ноќта.

Што покажа снимањето на мозокот?


Третиот експеримент беше невронаучно најинтересен бидејќи научниците ги ставија учесниците во уред за снимање со магнетна резонанција кој ги следи промените во протокот на крв во мозокот и така индиректно ги покажува моделите на мозочната активност. Учесниците гледаа видеа додека научниците ги следеа активностите на нивните мозоци.

Притоа, тие не гледаа само кој дел од мозокот е активен, туку и колку мозоците на различни луѓе се „усогласени“ додека ја гледаат истата содржина. Таа метода се нарекува меѓусубјектна корелација, односно споредба на сличноста на мозочните одговори меѓу различни учесници.

Кај подолгото, поврзано видео беше забележана поголема синхронизација во областите важни за просторното внимание, епизодното паметење и организирањето на настаните во смислена низа. Кај кратките видеа синхронизацијата беше послаба токму во тие мрежи. Истовремено, таа беше посилна во областите поврзани со таканареченото внимание „од долу нагоре“. Тоа е внимание што ни го одзема нешто однадвор - блесок, нагла промена на кадар, гласна музика или неочекуван рез.

Авторите заклучуваат дека фрагментираната и брзо менувачка природа на типичните кратки видеа од социјалните мрежи го засилува привлекувањето на вниманието „од долу нагоре“ за сметка на когнитивните процеси „од горе надолу“ кои се клучни за длабоко учење и консолидација на долгорочното паметење“. Консолидацијата е процес во кој новите сеќавања се зацврстуваат.

Но, треба да се истакне дека авторите не тврдат дека кратките видеа трајно го оштетуваат паметењето.

Ова не значи дека секое кратко видео е лошо


Научниците велат дека краткото видео не е секогаш лошо. Тоа може да биде добар вовед во тема, потсетник или демонстрација на едноставна вештина. Проблемот настанува кога се обидуваме да го користиме краткиот, брз и силно стимулирачки формат за длабоко учење на сложени теми. Тогаш може да нè излаже чувството на леснотија при консумирањето на содржината.

Новата студија не докажува дека кратките видеа трајно го оштетуваат мозокот. Авторите истакнуваат дека таа не покажува ниту дека секој што гледа кратки видеа лошо ќе учи. Учесниците беа главно здрави студенти, а во уредот за fMRI луѓето не скролаат како на мобилен телефон.

Но, пораката од наодите на студијата сепак е јасна. Ако сакаме нешто навистина да научиме, на мозокот треба да му се овозможи континуитет. Му треба време да здивне меѓу фактите, да ги поврзе, да ги спореди со старото знаење и сè да претвори во приказна што можеме повторно да ја раскажеме.

Извор: бука
Фото: magnific