Научници предлагаат да се додаде бело светло на семафорите за автономните возила - со сообраќајот ќе управуваат алгоритми
Научниците од американскиот Универзитет во Северна Каролина предлагаат решение за сообраќајните метежи – додавање четврто, бело светло на семафорите кое би им овозможило на автономните возила да ја преземат контролата врз сообраќајот на раскрсниците. Идејата звучи футуристички, но истражувањата покажуваат дека таа би можела да ги намали доцнењата во сообраќајот и до 94 отсто.
Во студијата објавена во стручното списание „ИЕЕЕ трансакшнс он интелиџент транспортејшн системс“, авторите претставија концепт наречен „бела фаза“ на семафорот, која би се активирала само кога во сообраќајот би имало доволно автономни автомобили. Во тој момент тие возила би станале своевидни „дигитални диригенти“, кои меѓусебно комуницираат за да го оптимизираат поминувањето низ раскрсницата.
За возачите во класичните автомобили, белото светло би значело едноставна наредба – следете го автомобилот пред вас.
Наместо традиционалното чекање на црвено светло, сообраќајот би течел според ритамот што го одредуваат системите за вештачка интелигенција во возилата. Класичните бои би останале исти: црвено значи стоп, зелено тргни, а бело – препуштете ѝ се на колоната.
Научниците го нарекуваат ова дистрибуирана координација, еден вид „сообраќаен колективен ум“. Секој автономен автомобил во системот разменува податоци за положбата, брзината и сообраќајните текови, усогласувајќи се со другите за да се спречи застој или непотребно кочење. Во симулациите што ги спроведоа истражувачките групи, ефикасноста на сообраќајот се зголемила за речиси 99 отсто во споредба со класичните системи на семафори.
Професор Али Хаџбабаи појаснува: „Концептот на белата фаза ја користи компјутерската моќ на самите возила. Кога ги има доволно, тие заеднички го преземаат управувањето со сообраќајот, а на возачите во класичните возила семафорот јасно им порачува што треба да направат.“
Секако, ваквиот систем нема да се појави преку ноќ. За негова примена би требало да се надградат или да се заменат околу три четвртини од постојните сообраќајни системи, а автономните возила сè уште не се ни приближно доволно застапени никаде во светот. Но, истражувањето отвора интересен поглед во иднината во која семафорите не служат само како пасивни сигнали, туку како интелигентни партнери во управувањето со сообраќајот.
Ако белата фаза еден ден навистина се воведе, би можела да значи крај на бесконечните колони и фрустрации на црвено светло и почеток на нова ера во сообраќајот со кој управуваат алгоритми од самите автомобили.
Новост е што Рим наскоро би требало да стане еден од првите европски градови во кои ќе се тестира овој концепт за управување со сообраќајот.
Фото: magnific