Нема докази за придобивките од прицврстените капачиња на пластичните шишиња
Кој барем еднаш пиел јогурт или некој погуст пијалак од шише со прицврстено капаче, веројатно знае како завршува тоа: дел од содржината останува на внатрешната страна на капачето, а кога шишето ќе се навали, течноста завршува на лицето, маицата или панталоните. Покрај тоа, луѓето се жалат дека капачињата ги гребат по носот и по образите и дека им пречат при пиењето.
Ваквите иритирачки капачиња на пластичните шишиња пред две години станаа задолжителни во целата Европска Унија, по стапувањето во сила на Директивата 2019/904 според која еднократната амбалажа за пијалаци може да се продава само ако капачето е прицврстено за шишето.
Хрватските потрошувачи не ја прифатија добро промената, а тоа го потврдува и неодамна објавената студија во специјализираното списание „Бевериџис“, чии авторки се проф. д-р Јасенка Гајдош Кљусуриќ од Прехранбено-биотехнолошкиот факултет во Загреб и д-р Јасна Чачиќ од Асоцијацијата на производители на пијалаци на Хрватска.
Меѓутоа, засега нема студија, ниту сигурни податоци кои би укажувале на тоа дека прицврстените капачиња навистина го намалиле количеството пластичен отпад во животната средина. Но, нема ниту показатели дека оваа мерка би можела наскоро да се укине или да се приспособи, и покрај негативната реакција на поголемиот дел од граѓаните.
-Некои потрошувачи ги кинат капачињата од шишињата, а некои ги оставаат. Невозможно е да се дојде до конкретни податоци. Сè на сè, многу контрадикторна мерка и единствена директива која е успешно, условно кажано, протуркана во рок од само една година. Обично на Европската комисија ѝ треба многу повеќе време за спроведување на таквите акти - изјави Јасна Чачиќ, една од авторките на студијата.
Луѓето сè помалку ги поднесуваат прицврстените капачиња
Студијата покажува дека во 2024 година 50,4 % од испитаниците имале негативен став кон прицврстените капачиња, 25,4 % неутрален, а 24,2 % позитивен. Една година подоцна, негативниот став пораснал на 53,3 %, неутралниот паднал на 23,9 %, а позитивниот на 22,8 %.
Со други зборови, навикнувањето не донесе поголема прифатеност. Поголемиот дел од хрватските испитаници ја прифаќаат еколошката логика на задржување на капачето на шишето, но истовремено се сомневаат во вистинскиот ефект и прилично негативно ја оценуваат практичноста на новите капачиња.
Логиката на споменатата директива е едноставна: кога капачето останува прицврстено за шишето, помала е веројатноста тоа да се изгуби и да заврши во животната средина. При донесувањето на мерката, Европската комисија наведе дека еднократните пластични капачиња и риболовниот прибор сочинувале околу 70 % од отпадот на плажите и морињата во ЕУ. Згора на тоа, капачињата на европските плажи ги имало двојно повеќе отколку самите шишиња.
До 2029 година мора да се соберат 90 % од пластичните шишиња
Комисијата не тврдеше дека спојувањето на капачињата со шишињата драматично ќе ја намали вкупната пластика во животната средина, туку дека тоа ќе спречи капачињата да станат посебен ситен отпад кој се губи и завршува на плажите или во морето. Покрај другите мерки, Комисијата постави цел од 77 % селективно собирање на пластичните шишиња до 2025 година и 90 % до 2029 година.
Во април 2026 година беше објавен првиот извештај според Директивата за еднократна пластика, според кој во 2022 година во земјите од Европската Унија биле собрани 71 % од еднократните пластични шишиња за пијалаци. Хрватска уште тогаш беше меѓу десетте членки што ја исполнија целта од 77 % за 2025 година. Шест земји веќе беа на 90 % или повеќе: Естонија, Полска, Финска, Германија, Данска и Шведска.
Ефектот од оваа мерка е под знак прашалник
Сигурна процена на ефектот на ниво на Европската Унија сè уште не постои, а Европската комисија мора да ја спроведе евалуацијата на Директивата до јули 2027 година. Не е веројатно дека ќе дојде до какви било промени кога станува збор за прицврстените капачиња.
„Ефектот од оваа мерка е под знак прашалник, тоа е факт. Но, би било премногу скапо сега повторно да се менуваат прописите. Индустријата инвестираше пари во машини и тоа би бил непотребен трошок. Освен тоа, сите веќе по малку се навикнавме на прицврстените капачиња - изјави Јасна Чачиќ од ГИУППХ.
Потрошувачите бараат појасни докази за ефектот, скептични се бидејќи не гледаат мерливи резултати и не знаат колку споените капачиња навистина го намалуваат пластичниот отпад. Затоа авторките на споменатата студија препорачуваат потранспарентна комуникација за вистинските еколошки придобивки.
-Добро е што директивата воопшто постои како единствен законски инструмент за борба против пластиката. Ако засега не ги постигнала сите цели, не значи дека нема да ги постигне. За разлика од некои други директиви кои само поставуваат цели, а земјите членки сами избираат како ќе ги остварат, оваа директива за амбалажа не може да се намалува и да се разводнува. Мора да се спроведе точно онака како што пишува во неа - порачува Ана-Марија Милеусниќ од „Зелена акција“.
Од Министерството за заштита на животната средина и зелена транзиција истакнуваат дека согласно прописите на Европската Унија, пластичните капачиња мора да останат прицврстени на шишињата.
Фото: magnific