Античките Египќани ја усовршиле мумификацијата долго пред времето на фараоните

Античките Египќани ја усовршиле мумификацијата долго пред времето на фараоните

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Најстарите мумии обично се поврзуваат со антички Египет, но испитувањето на мумија стара 5.600 години потврдува дека методите користени за ваквиот вид погреб датираат многу порано од фараоните.

Се сметаше дека праксата на мумификација и техниките користени за балсамирање потекнуваат од Старото Кралство Египет, односно 2.500 години пр.н.е. Но, оваа интерпретација беше предизвикана од анализа од 2014 година на погребниот текстил најден на местото Мостагеда, која го помести потеклото на египетското мумифицирање наназад за повеќе од 1.500 години.

Новото истражување го продлабочува нашето разбирање на тоа како и каде било развиено мумифицирањето во антички Египет. За разлика од анализите на погребниот текстил од 2014, најновото истражување е извршено на вистинска мумија. И тоа е многу важно.

Мумијата за која станува збор е позната како Мумија С. 293 (RCGE 16550) и на научниците им е позната подолго од еден век бидејќи е изложена во Египетскиот музеј во Торино од 1901 година. Ова мумија е уникатна поради тоа што никогаш не била изложена на третмани за конзервација. Нејзината нерасипана состојба ја прави идеален предмет за научни анализи.

Претходно научниците имаа погрешна претпоставка дека оваа мумија била природно мумифицирана од жешките и суви пустински услови - процес познат како сушење. Новото истражување покажува дека тоа не е точно - мумијата била балсамирана со балсамер кој содржел растително масло, загреана смола од четинар, ароматичен растителен екстракт и растителна смола/шеќер. Оваа мешавина покажувала силни антибактериски карактеристики.

- Првпат идентификувавме нешто што може да се опише како египетски рецепт за балсамирање - во суштина истиот рецепт за балсамирање кој ќе стане клучен и витален дел од мумификацијата за време на фараонскиот период од околу 3100 година пр.н.е - вели Стиден Бакли, археолог од Универзитетот од Јорк и коавтор на новата студија.

Дел од мумијата кој бил користен за анализа
Фото: Gizmodo

Користејќи микроскопи, истражувачите го испитале текстилот околу мумијата, а била извршена и хемиска анализа за да се идентификуваат состојките на балсамот. Била направена и анализа за идентификување на човечка и нечовечка ДНК. Според радиојаглеродното датирање (радиометриски метод за датирање кој го употребува природниот постоен изотоп на јаглерод-14 (C-14) за да ја одреди староста на јаглеродните материјали до старост од 60.000 години пр.н.е.), мумијата потекнува од периодот околу 3650 и 3380 година пр.н.е. Анализа на забите сугерира дека мумијата била на возраст меѓу 20 и 30 години кога починала.

Рецептот за балсамирање бил неверојатно сличен на оној користен 2500 години подоцна, кога мумификацијата во антички Египет доживеала културна кулминација.

Студијата покажува дека дури и античката историја има своја историја.