Професија што постои само во кубанските фабрики за цигари

Професија што постои само во кубанските фабрики за цигари

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кубанските цигари доживеале експанзија во 90-тите години од минатиот век благодарение на медиумското внимание. Покрај тоа што се произведуваат од квалитетен материјал, во изработката на секоја цигара се вложува многу внимание.

Мал број луѓе знаат дека кубанските цигари добиле имиња според делата на Александар Дима и Вилијам Шекспир. Причината за тоа е и традицијата на читање книги во фабриките за цигари.

Сè почнало во 1865 година. Прво во Хавана, а потоа низ цела Куба, работниците одлучиле да вработат професионални „читачи“ кои во просториите на фабриките, во текот на работното време, би читале наглас. Работниците го создале ова посебно работно место за часовите монотона работа да ги исполнат со храна за духот, да се информираат и да го ангажираат умот.

Не можел секој да биде читач. Потенцијалните кандидати морале да имаат совршена дикција и да бидат во состојба да изведат три различни улоги. Читачот седел на подигната платформа за сите да можат да го слушаат и да чита содржина што работниците сами би ја избрале. Опусот на текстови се движел од дневни весници, магазини, преку стручна литература, до книжевни дела.

Работниците често го запирале производството и со аплауз го испраќале читачот. Активно учествувале и дискутирале за филозофските идеи и пораките во делата.

Денес традицијата продолжува, забавува, инспирира и обединува генерации работници во фабриките.