Револуционерна техника може да овозможи спојување на електронски уреди со човечки клетки

Револуционерна техника може да овозможи спојување на електронски уреди со човечки клетки

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Научниците смислиле револуционерна техника на тетовирање злато на живо ткиво. Ова би можело да направи револуција во спојувањето на човечките клетки со електронски уреди.

Научниците втиснале златни наноточки и наножици на клетки на живи ембриони на глувци. Значењето на овој пристап оди подалеку од неговата научнофантастична привлечност. Дејвид Грасијас, инженер од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ кој го предводел истражувачкиот тим, предвидува извонредни здравствени апликации за новата техника.

- Ако замислите каде ќе оди сето ова во иднина, би сакале да имаме сензори за далечинско следење и контрола на состојбата на поединечните клетки и околината што ги опкружува во реално време - објаснува Грасијас.

Овие достигнувања се поттикнати од итната потреба да се поврзат електрониката и човечката биологија, потфат кој носи многу предизвици за научниците. Главната пречка лежи во неусогласеноста помеѓу живото ткиво и производните техники кои се користат во производството на електроника. Постојните методи, иако се способни за флексибилност и минијатуризација, често користат силни хемикалии, високи температури или вакууми кои не се компатибилни со живо ткиво.

Поплочување на патот за покомплексна електроника

Грасијас објаснил дека тимот успеал да прикачи сложени наношеми на живи клетки без клетките да умрат. На овој начин во иднина би можеле да се „тетовираат“ електроди, антени и кола кои би коегзистирале со живото ткиво, хидрогелови и други меки материјали.

Научниците предвидуваат дека овој пристап, во комбинација со воспоставените техники на микрофабрикација, ќе отвори нови можности за супстрати за клеточна култура, биохибридни материјали, бионски уреди и биосензори.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Nano letters