Руски научници развиваат лек против рак достапен за сите

Руски научници развиваат лек против рак достапен за сите

Научници од Сибир, со поддршка на Рускиот фонд за базични истражувања, работат на развој на нов лек за имунотерапија на онколошки болести.

Механизмот на имунотерапијата се заснова врз откритијата на добитникот на Нобеловата награда за медицина за 2018 година, изјави Дмитриј Стеценко, истражувач од Институтот за хемиска биологија и фундаментална медицина при сибирскиот оддел на Руската академија на науките.

Годинашните нобеловци, Џејмс Алисон и Тасуку Хоњо, предлагаат лекување на рак кое е принципиелно различно од хемотерапијата и радиотерапијата. Тоа се заснова на сознанието дека клетките на ракот го спречуваат активирањето на лимфоцитите кои имаат функција да се борат со туморот, и така тие клетки стануваат отпорни на имунолошкиот систем на одреденото лице. Методот на Алисон и Хоњо предвидува спречување на таа појава со помош на инхибиција на „контролните точки“ на имунитетот низ кои тој треба да помине за да се вклучи механизмот за уништување на туморот.

- Темата на нашиот проект е директно поврзана со трудовите на нобеловците за медицина. Ги истражуваме истовремено и ефектите на неколку молекуларни точки кои се наоѓаат во клетките на имунолошкиот систем и се одговорни за препознавање на клетките на ракот. Се работи на синтетизирање вештачки молекули, чија задача ќе биде да ги блокираат клучните „контролни точки“ и со тоа да ја вратат способноста на Т-лимфоцитите да ги напаѓаат клетките на туморот - објаснува Стеценко, додавајќи дека има повеќе препарати за имунотерапија за рак кои се засноваат на моноклонски антитела, односно протеински молекули кои можат да ги блокираат „контролните точки“ за имуносупресија.

На прв поглед лекувањето е многу скапо и една од главните задачи на руските научници е да го направат препаратот подостапен.

Извор: МИА