Четири јапонски правила за долговечност

Четири јапонски правила за долговечност

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Окинава, познат како остров на бесмртните, е дом на најмногу стогодишници во Јапонија. Зошто токму на овој остров жителите имаат подолг и посреќен живот?

Дефинитивно се случува нешто чудно во Окинава. И покрај недостигот на доктори, во ова место има многу здрави стари луѓе. Зошто?


- Најдоброто нешто во животот е што бев благословена со шест деца. Добро сум. Уживам кога сум со пријателите и кога одам на прошетка. Имам многу пријатели, разговараме за храна и за други работи, споделуваме стари приказни - вели 100-годишната Нобу Хига.

- Никогаш не ни помислив дека ќе живеам 100 години и дека ќе бидам во добра здравствена состојба - вели 97-годишната Хацуко Кјан.

Островот Окинава се смета за сина зона, регион каде што живеат најстарите луѓе во светот.

- Никогаш не сум зела никаков лек на рецепт. Имам многу хобија и сакам да сум активна. Обожавам кога сум со луѓе, кога разговараме и танцуваме заедно. Тоа ме прави да се чувствувам здраво - вели 84-огодишната Јукико Кина.

Жителите на Окинава ја припишуваат долговечноста на „моаи“, локална традиција на групна поддршка. Историски, овие групи ги здружувале средствата за јавни работи или за помош на членовите што имаат потреба.

1
Фото: Screenshot/BBC

- Тука сите земаат учество во „моаи“. Јас го правам тоа со моите соученици и пријатели. Член сум на три „моаи“, а најстарото учество е речиси 50 години. Едвај ги чекам моментите кога се собираме, кога разговараме и се смееме. Не би можела да преживеам без „моаи“. Која е целта на живеењето долго време ако немаш со кого да уживаш во тој период? - вели Јукико Кина.

Доктор Макото Сузуки од Центарот за истражување на науката поврзана со долговечноста од Окинава успеал да собере медицински, нутриционистички и социјални податоци за над 1.000 стогодишници во Окинава, во период од четири децении.

- Пронајдов четири фактори за долговечност: исхрана, физичка активност, самопомош, заеднички систем на помош. Овие четири фактори заедно придонесуваат за долговечноста. Духовното здравје е важно. Предметот на нашето духовно здравје го нарекуваме „икигаи“. Икигаи е нешто што само ти можеш да го направиш и е блиско со личната мисија. Кога го губиме икигаи, умираме. Мислам дека имањето икигаи подолг период е клучот на здравата долговечност - вели докторот.

- Моите внуци и правнуци ме обожаваат. Тие се моето икигаи. Имам 15 внуци и 14 правнуци. Блиска сум со сите и тоа е тајната на моето здравје - вели Кина.

Селото Китанакагусуку е на првото место по долговечност кај Јапонките во изминативе 10 години. За да прослави, селото одржува годишна церемонија за жените над 80 години.

Окинава ве потсетува дека не сте сами и го прави животот полесен.

Извор: BBC
Фото: Screenshot/BBC