Додека едни размислуваат како да го надградат имиџот, други се исправени пред предизвикот да ги заврзат врвките на чевлите

Додека едни размислуваат како да го надградат имиџот, други се исправени пред предизвикот да ги заврзат врвките на чевлите

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Во моите чевли“ е насловот на изложбата на фотографии на модните дизајнерки Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска-Јорданоска и на Росица Колева, специјален едукатор, која ќе биде отворена вечерва во 19 часот во „Мала станица“ во Скопје

Предизвикот со кој се соочуваат лицата со попреченост во процесот на селекција, купување и користење на облеката е една од инспирациите за проектот „Во моите чевли“, кој вечерва како изложба ќе биде промовиран во „Мала станица“ во Скопје.

Јулијана Петровска

- Времeто што им е потребно да се облечат и да се подготват наутро, помошта што им е неопходна за избор на облеката или за облекување, информациите за одржување на облеката, постојаната потреба за корекција и адаптација, се само мал дел од предизвиците на лицата со попреченост. Денес, повеќе од кога било, облеката претставува изразно средство преку кое човекот го прикажува својот идентитет и автентичност. Додека едни размислуваат како да го надградат својот имиџ, други се наоѓаат пред предизвикот да ги заврзат врвките на своите чевли - објаснува модната дизајнерка Маја Ѓуреска, која е една од авторките на проектот, заедно со Антонија Гугинска-Јорданоска, моден дизајнер, и Росица Колева, специјален едукатор.

Никола Колев

Тие споделуваат дека за време на подготовката на изложбата имале одлична соработка во поглед на исполнување на работните задачи.
- Остваривме и неверојатно емотивна комуникација, полна со доверба и меѓусебно разбирање. Тимот на „Во моите чевли“ помина шест недели во исклучително убава атмосфера исполнета со смеа, уживање и учење еден за друг и еден од друг - објаснуваат авторките.

Велат дека и тие многу научиле за лицата со попреченост.

Искра Донева

- Ја согледавме реалната потреба за поголема инклузија на лицата со попреченост во купопродажните процеси на облека, како и недостигот од адаптибилна облека која може да им го олесни секојдневното живеење. Исто така, забележавме дека голем фактор што ја попречува поголемата инклузија на овие лица во општеството е недостигот на информираност  на јавноста и јавните сектори за нивните потреби - вели Гугинска-Јорданоска.