Бесплатното психолошко советувалиште на УКЛО има голема поддршка од студентите

Бесплатното психолошко советувалиште на УКЛО има голема поддршка од студентите

Студентите и вработените на УКЛО имаат можност, во овие по многу нешта специфични пандемски времиња, да добијат стручна, бесплатна услуга за негување на менталното здравје.

Како што е познато, во актуелните состојби со корона-кризата, закажувањето термини се одвива преку веб-страницата на УКЛО ,односно преку рубриката брзи линкови по пристапот до Психолошкото советувалиште се одбира професор – терапевт и по пополнување на краток формулар професорот и студентот се договараат за термин и начин на изведување на советувањето. Психолошкото советувалиште на УКЛО од почетокот на корона-кризата ја прошири својата функција и нуди советувања и за вработените. Ставот на Универзитетот е дека унапредувањето на работата на првото студентско психолошко советувалиште е неминовно и нужно поради комплицираниот период во кој живееме, кога е потребно уште повеќе да се грижиме за менталното здравје. За важноста на менталното здравје и местото кое психолошкото советувалиште го има кај младите луѓе, студентите, пренесуваме дел од впечатоци на студенти што присуствувале во работата на советувалиштето:

„Ми помогна да станам подобра верзија од себеси.“

Михаела Трајкоска

,,Советувалиштето ми помогна во развивање на комуникациските вештини, подобро разбирање на другите и нивните емоции, како да се биде асертивен со агресивни луѓе, почитувањето на себеси, но и на другите, самомотивацијата и контролирањето во тешки ситуации и што е најбитно - и секогаш наоѓање на позитивното во секоја ситуација.“

Наталија Огненова

Советувалиштето ми помогна да се посветам на себе и ми укажа на важноста на менталното здравје. Да бидеш дел од една ваква активност значи целосно да се свртиш кон себе и да погледнеш во внатрешноста на сето она што дотогаш си го потиснувал или воопшто не си му обрнал внимание. Додека траеше советувалиштето чувствував дека некој ме разбира, споделува различни животни приказни и искуства, има почит и разбирање кон другиот. И најважно на крајот од денот, сепак, имаше некој што ќе праша: „А ти, како си денес?“

Алмира Кагури

,,Научив дека не секогаш единствениот виновник сум јас. Затоа кога по секоја непријатност ја бараш вината во себе, размисли повторно и согледај ги работите детално.”

Моника Тодорова

,,Се придружив на групата од чисто љубопитство, а подоцна сфатив дека направив вистински избор. Советувалиштето ми помогна да почнам почесто да размислувам за себе, за сопствените чувства и како да си давам мотивација и поддршка. Искажувајќи ги своите мисли, чувства, стравови, што ме прави среќна, што ме лути, сфатив дека има и други што ги делат истите работи. Советувалиштето ми помогна да останам цврста и смирена во оваа тешка ситуација во која се наоѓа светот.”

Сара Михајлова

,,Благодарение на советувалиштето, се зближив со моите колеги од факултет, а и со професорката. Добив поголема мотивација за решавање на моите проблеми и ја развив самоконтролата, а воедно ги пребродив тремата и срамежливоста.”

Ангела Петровска

,,Психолошкото советувалиште ми беше повеќе од потребно во овој период, часовите кои ги одржавме ми помогнаа во справување со стрес и загриженост, да научам да се релаксирам и да ја гледам позитивната страна на работите.”

uklo

Александра Трпкоска

,,Мене ми помогна советувалиштето за подобро да се запознаам себеси и своите чувства и ми помогна со тоа што се уверив дека и другите се наоѓаат во иста ситуација како мене.”

Ивана Делева

,,Благодарност до вас, професорке, што во изминативе две години толку многу се потрудивте за нас студентите, посветивте од вашето време надвор од предавањата и ми помогнавте да сфатам дека загриженоста не ги отстранува проблемите што следуваат утре, туку всушност го одзема денешниот мир. Дека негативните мисли нема да ни го направат животот позитивен. Ми го посочивте она што веќе го бев заборавила - треба да бидеме она што сме, а не тоа што другите сакаат да бидеме. При секоја наредна сесија сфаќав дека низ текот на годините животот не станува полесен, туку ние стануваме посилни. Многу грешки и падови низ кои сме минале низ животот се само доказ дека сме се обиделе да направиме нешто и не треба да се откажуваме при првата препрека. Поради вас, научив што е анксиозност и почнав да ја препознавам таа состојба. Почнав многу повеќе да си верувам сама на себе, односно работев уште повеќе на самодовербата. Научив нешто повеќе за медитацијата и релаксацијата и како да ги надминеме стравот и напнатоста со нивна помош. Ви благодарам за сè, секое добро и се надевам на уште многу успешни соработки.”

Христина Ѓорѓијевска

„Советувалиштето ми помогна подобро да се разберам себеси и моите чувства и реакциите во дадени ситуации, а осообено ми помогна да ја пребродам тешката ситуација во која се наоѓаме, преку контрола на мојот стрес и анксиозноста.”

Стефани Дамјаноскa

(Комерцијална објава)