Марихуаната е поштетна за белите дробови од цигарите

Марихуаната е поштетна за белите дробови од цигарите

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Луѓето што пушат марихуана имаат поголеми шанси да добијат болест поврзана со белите дробови отколку луѓето што пушат цигари, покажуваат резултати од ново истражување.

Истражувачите велат дека според скенови од бели дробови на пушачи на марихуана и на цигари, може да се заклучи дека марихуаната е поштетна отколку што се мисли.

Според американскиот Центар за контрола и спречување болести, барем една петтина од Американците пробале марихуана барем еднаш. Многу сојузни држави ја легализирале марихуаната, иако таа не е легална на федерално ниво.

Во новото истражување научниците споредиле околу 150 скенови од бели дронови на лица што пушат марихуана, лица што пушат цигари и непушачи. Истражувањето покажало дека случаите на емфизем, воспаление на дишните патишта и зголемено градно ткиво, биле повисоки кај пушачите на марихуана отколку кај пушачите на цигари.


Фото: Pixabay

Според истражувањето, 75 отсто од пушачите на марихуана имаат емфизем, а 70 отсто од пушачите на цигари ја имаат истата болест. Процентот на непушачи со болеста изнесува 5 отсто. Емфиземот е облик на хронична опструктивна болест на белите дробови која претставува трета најчеста причина за смрт во САД.

Според докторите, има повеќе причини зошто марихуаната би можела да биде поштетна за белите дробови од цигарите, како подлабокото вдишување и подолгото задржување на воздухот пред издишувањето. Освен тоа, цигарите имаат филтер, што не е случај кај марихуаната.

Извор: ABC news
Насловна фотографија: Pixabay