Полски музеј го кани Роберт де Ниро да го види портретот на својот двојник

Полски музеј го кани Роберт де Ниро да го види портретот на својот двојник

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Полскиот музеј го покани американскиот актер Роберт де Ниро да го посети Вроцлав, град на југот на Полска, и да го види портретот од 17 век познат по сличноста со актерот.

Сликата, под наслов „Портрет на Јохан Фогт“, изложена во Националниот музеј, е насликана во 1628 година од Бартоломеус Штробел Младши, еден од најистакнатите барокни сликари.

Делото прикажува човек за кој се верува дека е Јохан Фогт, службеник во Вроцлав, и има неверојатна сличност со американскиот оскаровец.

Музејот соопшти дека портретот привлекува сè поголемо внимание на социјалните мрежи поради неверојатната сличност.

 

- Платното прикажува маж со мустаќи и карактеристична шилеста брада. Интересно е што лицето на моделот потсетува на лицето на современиот американски филмски актер Роберт де Ниро. Сличноста е неверојатна - наведува Националниот музеј на својата веб-страница.

Штробел, роден во Вроцлав во 1591 година, се школувал во Прага за време на владеењето на царот Рудолф II, а подоцна творел низ Полска, вклучувајќи ги Гдањск, Елблаг и Торуњ.

Негово најпознато дело, „Иродова гозба и обезглавување на свети Јован Крстител“, е дел од колекцијата на музејот „Прадо“ во Мадрид.

Извор: Atvbl.rs
Фото: Twitter