Дескоска за студентските денови: На професорите им го кажував ставот, но проценував со кого не вреди да се објаснувам

Дескоска за студентските денови: На професорите им го кажував ставот, но проценував со кого не вреди да се објаснувам

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Студентите даваат една енергија што ја нема во политиката. Предавањата ме инспирираат, а политиката ме исцрпува

Право или математика – тоа била дилемата пред која била исправена актуелната министерка за образование Рената Дескоска кога требало да избере во кое средно училиште да се запише. Судбината сакала дури трипати да го извлече ливчето на кое пишувало „право“ откако мајка ѝ на шега ѝ ја дала идејата за ждрепка. Дилемата била решена, Дескоска се запишала во средното правно „Борис Кидрич“ (денешен „Васил Антески-Дрен“), каде што била прогласена за првенец на генерација.
Оттаму патот ја водел кон Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде што дипломирала во 1994 година. Три години подоцна магистрирала на истиот факултет со просек 10, а докторирала на Правниот факултет во Љубљана во 2002 година.




- Тоа беше време на насочено средно образование и требаше да знаеме на што сакаме да се насочиме, зашто проодноста од одредени средни училишта беше полесна кон едни факултети, а од други средни кон други факултети. Плус, во тоа време бројот на места на факултетите беше ограничен и се полагаше елиминационен приемен испит, така што беше многу битно да го направите вистинскиот избор на средно училиште за да учите предмети што ќе ги полагате на приемен испит за факултет. Ја сакав математиката, уживав во решавањето задачи, а, од друга страна, сакав да бидам судија и да се борам за правда – вели Дескоска.


Признава дека го сакала студирањето и дека била посветена и одговорна. Нема да ги заборави предавањата на професорот Ѓорѓи Марјановиќ.
- Неговите предавања беа вистинска уметност – преку примери и досетки, на многу едноставен и забавен начин нѐ воведуваше во материјалот, така што не забележувавме кога поминале часовите. Бев активна. Професорите и асистентите ме знаеја од часовите. Знаев да сослушам, но исто така и да си го кажам ставот. Секако, знаев и да проценам каде нема простор за дебата, со кого не вреди да се објаснувам. Но, за среќа, на повеќето од часовите имаше толерантна средина на размена на мислење, особено околу промените што се случуваа во политичкиот и во правниот систем во тоа време – објаснува министерката.

Средба со некогашниот претседател Киро Глигоров

Дипломирала со просек 9,55. Оценките ѝ значеле. Ги памети предметите по кои не добила десетки - Марксизам, Одбрана и заштита, Стопанско право, Граѓанско процесно право. - Еднаш дури размислував да поништам една деветка зашто се чувствував онеправдана, бев сигурна дека знам за десетка. Но, на крајот не го сторив тоа, сфатив дека е претерано.


Ја мотивиравме да се потсети на анегдота од студентскиот период.
- Паметам беше 8 Март. По распоред имавме вежби. Во тоа време присуството на вежбите беше задолжително и за тоа се водеше евиденција. Професорот дојде и ни рече: „Во чест на денешниот празник, ќе ги ослободам студентките од вежбиве. Можете да си одите“. Сите девојки станаа и си отидоа, само јас останав. Професорот ме погледна и ме праша: „Вие, колешке, не си одите?” Му реков: „Не, не сакам да ги пропуштам вежбите“. Му беше драго и ми го побара индексот. Рече: „Еве, во чест на 8 Март ќе ви дадам потпис за вежби уште сега, па може да си одите“. „Благодарам“, му реков, „ама јас ќе останам“. Ме погледна и ми рече: „Еве, и од влезен колоквиум ќе ве ослободам. Сега навистина можете да одите“. А јас му реков: „Професоре, ви благодарам, но јас не доаѓам на вежби заради потписите, туку затоа што ми се интересни и учам на нив“.


Денес сум во многу пријателски односи со тој професор и во една пригода ми кажа дека ја памети случката и дека, всушност, преку моето доброволно останување на вежбите добил своевидно признание дека трудот што го вложува на часовите се почитува од студентите.
Дескоска признава дека многу се дружеле со колегите.
- Во тоа време на Правниот факултет се запишуваа околу 200 студенти во генерација, а во рок стасавме до крај на студии околу 80 студенти. Речиси сите се знаевме и се дружевме. За време на студиите го запознав мојот сегашен сопруг Тони Дескоски, кој поради воениот рок што се служеше во тоа време, студираше со мене. Излегувавме, учевме заедно во читалница, дебатиравме жестоко за политика… Јас го носев на театар – немаше претстава што ја немавме гледано. Тој ме носеше на концерти, на опера… Излегувавме во „Пони клуб“, каде што еден наш колега беше диџеј, во „Мондријан“, МЦМ…


Дескоска вели дека уживала во сите „улоги“ што ги имала, како студентка, подоцна асистентка и како професорка на Правниот факултет.
- Секоја си има своја убавина. Порелаксирано ми беше во улогата на професор откако ги завршив големите обврски, како полагање испити, магистрирање и докторирање. Најтешко ми падна улогата министер. Целосно ме исцрпува и не ме прави среќна зашто опфаќа многу административни, некреативни, технички задачи. Единственото нешто што ме држи во политиката е можноста да правам работи што ќе имаат влијание врз многу луѓе и се надевам дека ќе им го подобрат животот – вели министерката.


Не крие дека периодов многу ѝ недостига професорската работа.
- Студентите даваат една енергија што ја нема во политиката. Предавањата ме инспирираат, наспроти политиката, која ме исцрпува.