Славниот филозоф открива: Секоја седма година во животот е пресудна!

Славниот филозоф открива: Секоја седма година во животот е пресудна!

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Момче фрла мрежи во море
(Фото: Pixabay)


Рудолф Штајнер, австриски филозоф и основач на антропозофијата, развил теорија за личен развој чија смисла е остварување на севкупност, а која се темели на седумгодишни циклуси.

Тие циклуси имаат своја поткрепа и во астрологијата. Имено, секоја седма година планетата Уран, која симболизира револуционерни промени и развој на индивидуалноста, го менува астролошкиот знак и тогаш често доаѓа до круцијални промени во нашите животи, како што се разводи, промена на работа, преселување, прекин на некои односи и слично.

Штајнер сметал дека седумгодишните циклуси се одвиваат во текот на целиот живот и можат да им бидат од клучно значење на лекарите, наставниците, психијатрите и општествените науки.

0 - 7 години

Тука е почетокот на сè, кога се создаваат темели врз кои ќе се гради нашата структура. Новороденчето веќе во себе носи потенцијал за интелигенција, креативност и личност. Во текот на таа рана фаза најистакнати се инстинктите за глад, потребата за љубов, заштита и поддршка. Првата година е најважна за развој на мозочните клетки, бидејќи мозокот на детето се развива со огромна брзина. Во првиот циклус поминуваме низ процес на учење кој ги вклучува моторичките движења, говорот, односот кон себе и кон околината. Тогаш се усвојуваат и знаењата за тоа што е корисно, забавно или штетно. Во зависност од тоа какви одговори добиваме од другите, усвојуваме навики и реакции кои подоцна тешко се менуваат. Во оваа фаза целосно сме зависни од старателите кои се грижат за нашите физички, емоционални и социјални потреби.

7 – 14  години

Детето почнува да ги открива концептите и поврзаноста меѓу идеите и емоциите. Евидентни се и големите физички промени. Тимусот или градната жлезда се намалува, се развива чувството за правилно и погрешно, но и чувството за општествена одговорност. Знак за физички и психолошки развој е и губењето на млечните заби и растењето на трајните. Станува збор за влегување во нова зрелост. Детето создава свој внатрешен свет. Тоа е свет на херои, опасности и жива фантазија. Кога тимусот ќе избледне, а половите органи се развиваат, личноста преминува во турбулентниот свет на пубертет и адолесценција. Тогаш детето учи како да ги контролира инстинктите во корист на групната динамика, учи да споделува со другите, да комуницира. Навиките научени во првиот циклус сега стануваат дел од карактерот на детето.

14 – 21 години

Стануваме сè посвесни за себе, односно развиваме самосвест. Распонот на емоционалните интереси се шири во разни правци, се јавува интерес за музика, уметност, спорт, книжевност и за луѓето. Установено е дека во пубертетот се развива способноста за разликување на суптилни тонови на бои и звуци. Ова е време на будење на независноста и сепарација од родителите. Спротивниот пол и сексот стануваат сè поважни, се раѓа нов спектар на емоции. Тоа е и време за потрага по смислата на животот, за независност, за реализација на некои избори. Ги тестираме општествените и личните ограничувања. Се раѓа и свест за сексуалноста. Се забележуваат големи промени, од физички и емоционални до морални и когнитивни. Често поминуваме и низ искуство на губитници. Светот на безгрижното детство бледнее, а искуствата ги носат и првите позначајни емоционални повреди. Во овој период емоционалниот развој е придружен со несигурност во интимните и сексуалните контакти. Присутна е и желбата за истражување на односите со другите. Сè уште откриваме кои се нашите граници и потреби, а сексуалниот нагон е тешко совладлив. Партнерите ги избираме заради задоволување на сопствените потреби, негуваме романтичен поглед на светот и не секогаш сме свесни кој е покрај нас.

21 – 28 години

Се работи за период кога и ментално и емоционално влегуваме во возрасна доба. Почнавме да ги градиме темелите на кариерата и интимните односи со надеж дека остварувањата ќе ни обезбедат углед и почит во светот на возрасните. Се појавуваат способности за увид, интуиција, расудување и разбирање на реалноста. Искрите на интересите што се појавиле претходно сега почнуваат вистински да се развиваат. Ако во минатите циклуси сме имале здрав емоционален развој, сега можеме да развиваме емоционална зрелост која се манифестира како препознавање на потребите на партнерот, притоа не негирајќи ги сопствените. Сакаме да бидеме некој и нешто, а емоционалната зрелост подразбира дека со влегување во врска не се губат сопствената волја и независноста. Потребата за слобода, од една страна, и желбата за поврзаност, од друга страна, можат да создадат внатрешен конфликт. Во овој период можно е и соочување со проблеми и болки што сме ги доживеале во најраното детство, а најмногу се забележуваат во подрачјето на интимните односи, доживувањето на себеси како нечиј партнер и начинот на кој ги решаваме проблемите. Ако сега не детектираме некои свои поранешни повреди и внатрешни конфликти, тоа соочување ќе биде многу подиректно во циклусите што следуваат.

28 - 35 години

Како што поминуваат годините, промените стануваат сè посуптилни. Во овој циклус креативните процеси на умот се најактивни. Истражувачите и пронаоѓачите своите најголеми пронајдоци ги оствариле токму во овие години. Центрите во мозокот се на врвот на својата делотворност приближно околу 35-тата година од животот. Сега повеќе се проучуваме самите себе и емоционалните влијанија кои ја формирале нашата личност. Почнуваме да откриваме кои сме ние, независно од она што сме го усвоиле од семејството, врсниците или општеството.

35 – 42 години

Се раѓа желбата со другите да го споделиме сето она што досега сме го научиле или стекнале. Многу успешни деловни луѓе во овие години од животот го дале својот придонес кон општеството, образованието или културата. Ги проценуваме резултатите од досегашните остварувања. Нашите односи, кариерата, усвоените навики и начинот на интеракција со другите – сето тоа е ставено на разгледување, ревизија и промени. Време е за соочување со она што не нè задоволува. Стануваме свесни за новите нивоа на креативност и за новите подрачја на кои сакаме да се реализираме.

42 – 49 години

Во овој циклус доаѓа до големи промени. Го резимираме досегашното животно искуство, создаваме нови идеали и се обидуваме да пронајдеме нов правец во животот. Во овој период често е присутен силен немир. Запоставените аспекти од животот и личноста нè повикуваат да ги препознаеме. Нè следи чувство дека сме стигнале до средината од животот, по што следува пад. Ги менуваме партнерите, животните правци, нашите приоритети, доживуваме и големи лични промени кои започнале во минатиот циклус. Ако постои одреден степен на емоционална зрелост, сега може да се оствари и да се проживее безусловна љубов. Ако тоа не се појавува, тогаш нешто е заклучено во минатите години. Многумина на оваа возраст сè уште се на ниво на емоционална зрелост на дете, чувствуваат страв од напуштање, љубомора и посесивност. Во овој период разводите се најчести. Ги напуштаме старите и стереотипни улоги, втемелувајќи ја довербата во сопствената индивидуалност. Повеќе си угодуваме на себе, а помалку на општеството. Стекнуваме вистинско разбирање за сопствената посебност и брзаме да се изразиме пред да стане предоцна.

49 – 56 години

Во овој циклус следуваат физички промени кои нè водат кон ментални или духовни врвови. Паѓањето на телесната сила и виталноста нè присилуваат на поголема интроспекција. Сите нерешени внатрешни конфликти или трауми од детството без сомнеж ќе се најдат на списокот со нашите задачи, а проблемите ќе бидат највидливи низ предизвиците со кои ќе се соочуваме во професионалниот или љубовен живот. Сега мораме да научиме да живееме со себе на нов начин. Мораме полека да се приспособуваме на процесот на стареење на нашето тело. Ова е време за духовно преиспитување и ревизија на нашите животни цели.

56 – 63 години

Ова е период на внатрешен мир и прифаќање. Во мир сме самите со себе и прифаќаме каде сме и што сме постигнале. Обично животната ситуација почнува да се менува во оваа фаза. Започната е голема промена и приспособување, како во надворешните активности така и во начинот на кој се чувствуваме во блиските односи и како се однесуваме кон блиските. Можноста за експериментирање со животот и истражување на новите можности соодветни за возрасната доба ни помагаат повторно да се процениме себеси и да пронајдеме нов начин за поврзување со другите за да ги задоволиме нашите потреби. Психијатарот Карл Јунг развил цела теорија за овој животен период нарекувајќи го индивидуација, што претставува интеграција на отцепените аспекти на личноста и остварување на психолошката севкупност. Создаваме ново „јас“, низ процес на самоактуализација и целосна свест за себе и за својот живот.

63 – 70 години

Сега имаме подлабоко прифаќање и разбирање за луѓето од нашиот живот. Ги увидуваме и ги прифаќаме разликите меѓу нас и другите. На дело е процес на раздвојување и разликување на вистинската суштина на животот од она што сме го научиле и сме сметале дека е суштината. Свесноста и соработката со тој процес може да доведе до чувство на изгубеност или неизвесност. Стануваме болно свесни за тоа колку надворешните потреби ни го диктирале правецот на живот на штета на оние внатрешните и реални потреби. Го поместуваме притисокот на надворешните влијанија и сфаќаме дека ни се нудат многубројни избори. Како да стоиме сред крстосница. Каде сакаме да тргнеме?

70 – 77 години

Постојат сè помалку надворешни притисоци и полесно се доаѓа до ново ниво на зрелост. Ако се решат проблемите што сте ги имале во претходниот циклус, се јавува нова свест за суптилните страни на животот и се менува односот со оние што ги сакате. Можете безусловно да сакате и да прифаќате, што подразбира дека сте свесни за длабочината и суптилноста на сопственото битие. Ако имате богат внатрешен живот, може да се случи знаењето и искуството што ги поседувате да ги капитализирате преку работа со луѓе, помагајќи им што поуспешно да поминат низ процесот на самоактуализација.

77 – 84 години

Во текот на трите претходни периоди се развила нова суштина. Се случува синтеза на преживеаното. Ако сте се развивале преку самоспознавање, во состојба сте да видите, да се освестите дека вашиот живот е континуум на долго минато во кое се сочувани животните искуства на нашите предци, а кои на некој начин влијаеле врз нашиот живот. Од ова ново „јас“ и проширената перцепција на животот се стекнува мудроста.