Воспитувачка во група со 35 дечиња: Душа ни излегува, во девет часот сме капнати

Воспитувачка во група со 35 дечиња: Душа ни излегува, во девет часот сме капнати

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година имало 4.399 вработени во јавните установи за згрижување и воспитание на деца - детски градинки. Ако има недостиг од 2.000 лица, како што тврди Министерството, значи дека градинките се соочуваат со 45 отсто помалку вработени од потребното.




Просторија од 40 квадратни метри. Повеќе од триесет 3-4-годишни дечиња брмчат како пчели во кошница, а ги чуваат само две лица. Едни се расправаат за коцките, други цртаат, трети мијат раце и одат во тоалет. На повеќето им треба помош да се облечат, соблечат, да ги измијат рацете, да јадат. Во малиот простор веќе во девет часот наутро не се дише. Вака накратко може да се опише атмосферата во повеќето од градинките во Скопје каде што на списоците на запишани има и над 40 деца.
- Душа ни излегува, во девет часот сме капнати, вака само можам да опишам како е да се работи во група со 35 деца на возраст од 2 до 3 години. Оваа работа не може да ја работиш ако не ја сакаш, само тоа нѐ спасува. Со текот на годините научив дека лекот е само да им даваш задачи, со нешто да се занимаваат. Па, една група црта, друга реди коцки, трета разгледува сликовници. Ако само пет минути ги оставиш без задача, готов си, настанува хаос. Тајната е во тоа секоја секунда со нешто да се занимаваат – вели воспитувачка од градинка во Аеродром.

Капацитет на градинка за 210, а одат 369 деца

Ако вашето дете оди во градинка во група од 20 деца, радувајте се бидејќи тоа е вистинска реткост. Ова го потврди и нашата мини-анкета со родители. На нашето прашање во колкава група оди вашето дете во градинка, повеќето одговорија дека е во група со над 30 деца со двајца одговорни за нив. Од одговорите на родителите може да се заклучи дека градинките во Општина Аеродром имаат најголеми групи со деца. Во повеќето групите се движат над 30 деца, а на листите со запишани деца има и над 40.
Една од нив е градинката „Буба Мара“ и нејзините клонови каде што има најголем интерес за упис. Родители ни пишаа дека во некои од клоновите групите се движат над 40 деца, а на список имало и по 50 деца, но не оделе сите.
- Во групата на моето дете во објектот „Сонце“ во Ново Лисиче има 45 деца со двајца одговорни за нив. Пишувани се молби, жалби, поплаки и сето тоа според процедури, но без решение. Еве, дечињата од септември ќе бидат првачиња – вели родител.
Се јавивме во градинката „Буба Мара“ за да добиеме официјална изјава од надлежните за состојбите со бројноста на групите, но не успеавме да стапиме во контакт со директорката.
Ако се прочитаат информациите за бројноста на групите и капацитетот на објектите што се ставени на интернет-страницата на градинката, јасно е дека има повеќе деца од предвиденото. Во матичниот објект капацитетот за деца е 210, а има 325 деца во осум групи и 44 деца во три групи јасли. Ова значи дека во осумте групи има по 40 деца. Ако вкупниот капацитет на градинката е 210 деца, овие бројки кажуваат дека има 159 деца повеќе од капацитетот на деца предвиден за овој објект. Во објектот „Пчелка 1“ капацитетот на деца е 180, а тука се запишани 251 дете.



Податоци од интернет-страницата на градинката

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека ја следат состојбата со кадар во градинките. Дадена е согласност за продолжување на 214 договори за вработување на определено време до крајот на февруари.
- Во меѓувреме, Министерството прави детална анализа на секоја установа поединечно, по што ќе следува трајно решавање на кадровските проблеми што во градинките ги создаде претходната влада, држејќи ги во постојана неизвесност воспитувачите, родителите и децата. Недостигот на кадар во градинките се проценува на повеќе од 2.000 луѓе, што укажува на системско рушење на детската заштита во изминатата деценија – велат од Министерството.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година имало 4.399 вработени во јавните установи за згрижување и воспитание на деца - детски градинки. Ако има недостиг од 2.000 лица како што тврди Министерството, значи дека градинките се соочуваат со 45 отсто помалку вработени од потребното.

Групите не треба да бидат со повеќе од 25 деца, но не е незаконски ни зголемувањето

Неколку часа во денот децата во градинките остануваат и со само едно одговорно лице бидејќи се работи меѓусменски, а има хроничен недостиг од кадар. Воспитувачката од Аеродром вели дека негувателките работат во различни смени бидејќи некој мора да е во градинката и да прима деца од шест и пол наутро, а да испраќа деца до 18 часот.
- Во одреден дел од денот сме сами со децата. Може да замислите како е да се биде во една просторија со над 30 деца. Никаде во светот го нема ова, а не е ниту безбедно. Светските практики се шест до осум деца на еден одговорен. Јас и колешката негувателка всушност работиме работа за четворица. Друг проблем е што децата често се разболуваат кога се повеќе во група. Исто така, не можеш поединечно да работиш со сите во зависност од капацитетот на детето. Во мојата група имам и четири деца со посебни потреби на кои треба да се обрне посебно внимание - вели оваа воспитувачка.
Во Законот за заштита на децата групите во градинките се предвидени да бидат со помалку деца за разлика од реалните состојби. Кога се во прашање хомогените групи, до 12 месеци се предвидени групи од шест до осум деца, над 12 до 18 месеци, групите треба да бројат од осум до десет деца. Над 18 месеци до две години групите треба да бројат од десет до 12 деца, а над две до три години од 12 до 15 деца. Од 15 до 18 деца треба да имаат групите од три до четири години, а од 18 до 20 групите со четири и петгодишни деца. Групите од пет до шест години треба да имаат максимум до 25 деца.



Но, од МТСП потенцираат дека Законот дозволува и зголемување или намалување на бројот на деца според потребите.
- Согласно Член 64 став 5 од Законот за заштита на децата, секоја општина има можност да го зголеми бројот на децата во групата доколку се утврди дека постои оправдана причина за тоа. Во истиот контекст, добро е да се нотира дека често се излегува со паушални бројки во медиумите за бројот на деца во групите, а притоа не се зема предвид фактот дека бројот на запишани деца и бројот на присутни деца во градинките е променлив на дневна основа – изјавуваат од Министерството.

Ќе се зголемува опфатот на деца во предучилишно образование

Бројките на терен покажуваат дека земјава има недостиг не само од кадар за градинките туку и од објекти. Од МТСП велат дека во наредните месеци е планирано отворање на детски градинки во општините Зрновци, Врапчиште, Младо Нагоричане, Велес во село Караслари, Чашка, Јегуновце во село Прељубиште, Маврово-Ростуше во село Скудриње и Прилеп.
- Повеќето од овие објекти се веќе изградени или реконструирани и ќе бидат ставени во употреба веднаш откако ќе завршат соодветните правни процедури и кадровското екипирање на установите – велат оттаму.



Целта на Министерството е во следните 4 години да се зголеми за 50 проценти бројот на деца опфатени во предучилишно образование.
- Сегашниот опфат на децата од 0 до 6 години во предучилишно образование, во просек, е само 29 отсто, а кај помалите етнички заедници тој опфат е под 10 проценти. Тоа е недоволно и има негативно влијание врз идниот развој на Македонија. Затоа се подготвува прецизен план за проширување на мрежата на градинки низ Македонија. Со инвестицијата ќе опфатиме реконструкција и изградба на нови градинки, во голем број урбани и рурални општини – ни изјавија од Министерството.